„На државотворни партии им приличи да склучат Договор токму на Денот на независноста“ – Заев не се сомнева дека коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ е фаворит на локалните

СДСМ и уште 20 партии попладнево потпишаа Договор за заеднички настап на претстојните локални избори.

Како што изјави лидерот на СДСМ – Зоран Заев, по заедничката средба во партискиот штаб, дефинирани се соработки на повеќе нивоа, заеднички советнички листи и 69 градоначалници.

Вака поставена, рече Заев, коалицијата е гарант дека ќе продолжи напредокот на државата, равзојот на регионите и општините.

„Ова е коалицијата ‘Најдоброто за мојата општина’, фаворит, победник на изборите. Имаме знаење, волја и мотивација, план и програма за решавање на проблемите на граѓаните. Принципите зад кои заеднички застануваме се препознатливиот печат – работа во интерес на сите, на граѓаните, општините и државата за напредок и развој на секој наш град, секое село и населено место. Со нас граѓаните се на чисто. Нашата понуда не е ‘мачка во вреќа’, туку реалност која зборува за најдоброто сама по себе“, истакна Заев по потпишувањето на Договорот, кое, како што самиот посочи, не случајно се случи денес.

„На државотворни партии им приличи да склучат Договор токму на Денот на независноста, денот на кој одбележуваме 30 години сувереност и државност“, објасни лидерот на СДСМ.

Според него, вредносниот граѓански концепт на „Едно општество за сите“ значи продолжување на успешната коалициска соработка со партнерите ДУИ, БЕСА и ДПА на локалните избори, преку изградени критериуми за заемна поддршка на кандидатите со најдобра програма и најголема доверба кај граѓаните.

„СДСМ е прогресивна и модерна партија која своите партнерства ги гради на идеолошки заложби и програмски концепти, а не со меници и притисоци својствени за едно друго режимско време. Ме радува што нашите партнери ги делат истите вредности. Искрено вложуваме во нашата цврста определба дека сите граѓани се еднакви, без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност. Цврсто веруваме дека владеењето на правото, почитувањето на човековите слободи и права, економскиот прогрес, меѓуетничкиот соживот и толеранција, се столбовите на кои почива модерната македонска држава“, рече тој.

Заев оцени и дека четири години работите се менуваат на подобро, и на централно и на локално ниво.

„Наследивме општини заглавени во долгови, без визија за развој, но веднаш почнавме да работиме на нивна трансформација. Директно од Буџетот насочивме 50 милиони евра, им помогнавме да се раздолжат, обезбедивме и дополнителни 500 милиони евра за нови проекти на локално ниво“, истакна.

Осврнувајќи се на реализираното, Заев потенцира дека никогаш досега не се инвестирале толку многу средства во општините, рамномерно, а спроведени се, рече, над 7.000 проекти.

„Наместо во барок, споменици и палми, вложуваме во училишта, градинки, патишта, здравствени установи и социјални згради. Сѐ што значи унапредување на квалитетот на живот на граѓаните“, истакна тој, додавајќи дека и на централно ниво е направен голем исчекор, како и во меѓународните односи и во економските текови.

Извор: МИА

- Реклама -