Бугарија ни донира вакцини со рок на траење до 30 септември: „Изборот е дали да ги уништиме или да ги подариме“

Со 146 гласа „за“, бугарското Народно собрание денеска го ратификуваше договорот за донација од 51.480 дози од вакцината на „Фајзер“ за Македонија.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, вакцините имаат рок на траење до крајот на месецов, односно до 30 септември. Вредноста на донацијата, пак, е 1.560.635 лева (нешто помалку од 800.000 евра).

„Конкретно за Северна Македонија, изборот е дали да ги уништиме или да ги подариме, затоа што на вакцините им истекува рокот до крајот на септември“, изјави за време на парламентарната дискусија бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров, пренесе „Дојче веле“.

Пред пратениците, тој посочи и дека доколку денеска не се случи ратификацијата, вакцините нема да можат да ѝ бидат донирани на државава. Откако договорот беше ратификуван, Кацаров се заблагодари на Народното собрание што „престанало со игрите“.

Прочитајте и:  Мицкоски за пренамена на средствaта за Коридорот 8: Жалам што Бугарија за внатрешно-политички потреби прави политика од сето ова

За медиумите, тој истакна дека ова е прва донација на вакцини за Македонија и дека истата не се случила во јуни поради компликации во процедурите, по што, според него, и државава се откажала од истата.

Во текстот со наслов „Додека да стигнат, на бугарските вакцини ќе им истече рокот“, „Дојче веле“ пишува дека се очекува брза испорака, со оглед дека рокот на вакцините истекува на крајот на месецов. „Плусинфо“, пак, прашува дали доколку вакцините не стигнат на време – тоа ќе значи дека ние ќе треба да ги уништиме.

- Реклама -