БДП-то порасна за 13.1%, тоа е знак дека економијата заздравува – оценува Заев

13.1% изнесува стапката на раст на бруто-домашниот производ за второто тримесечје од годинава, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Оттаму додаваат дека во второто тримесечје од 2021 година, најголем пораст, од 46% е забележан во секторите трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна.

Понатаму следуваат рударство и вадење на камен, преработувачка индустрија, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината со 11.4% учество во растот на БДП , како и секторот информации и комуникации од 5.7%.

„Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2021 година, номинално се зголеми за 14.9%, а нејзиното учество во структурата на брутодомашниот производ изнесува 70.2%“, соопштија од Државниот завод за статистика.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 62.2%, а увозот на стоки и на услуги се зголеми во номинален износ од 64.4%.

Растот на бруто-домашниот производ (БДП) од 13.1 процент во вториот квартал од годинава укажува дека кризата одминува и економијата заздравува, оцени денеска премиерот Зоран Заев.

„Официјално е објавено од Заводот за статистика дека во вториот квартал од годинава е регистриран позитивен раст на Бруто домашниот производ во износ од 13.1 процент. Ова значи дека првото полугодие од оваа година постигнавме раст на БДП од 5.6 проценти“, истакна Заев.

- Реклама -