Меѓаши го искараа Османи за фотографиите со децата од Авганистан, бараат одговорност и веднаш да ги избрише

„Злоупотреба на деца поради политичко дејствување“, се фотографиите што министерот за надворешни работи Бујар Османи ги објави од пречекот на бегалците од Авганистан на скопскиот аеродром, а на кои можат да се видат и деца, реагираат од Првата детска амбасада Меѓаши. Тие бараат Османи веднаш да ги повлече фотографиите.

„Секоја пригода кога политичар ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран може да се смета за кампања! Бараме посочените видеа и фотографии под итно да се повлечат! Крајно време е политичарите кои ги злоупотребуваат децата за политички цели, да сносат одговорност!“, се вели во реакцијата.

Од детската амбасада оценуваат дека политичките партии и политичките фигури и натаму не успеваат целосно да разберат што е најдобар интерес на детето и понатаму ги користат децата на најразлични начини за добивање политички поени.

„Секоја пригода кога политичар ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран може да се смета за кампања и повлекува соодветна одговорност и бара јасен одговор кон што или кому тоа фотографирање придонесува. Дури и во случаи кога се работи за директна заштита или помош на деца, фокусот постојaно треба да биде на она што е потребно да се направи за децата, како и на причините зошто тие деца се наоѓаат во таква тешка ситуација, а не на самите политичари или институции кои помагаат, а тоа впрочем им е и должност. Да не збориме колку е важно да се заштити идентитетот на децата!

За жал, најчесто се работи за обиди преку слики со деца да се прави сопствена политичка промоција или промоција на сопствената политичка партија. Затоа, политичарите не треба да ги штипкаат децата, да се сликаат со нив и да им делат подароци пред камерите или да сечат ленти со децата, туку треба сериозно да работат на проблемите кои ги засегаат децата, да го изнесуваат своето мислење и гласно да поставуваат прашања што ја засегаат оваа ранлива група“, потенцираат од Меѓаши.

Тие потсетуваат дека со години во континуитет повеќе политичари и политичарки се сликаа со деца, а политичките партии подготвуваа видеа во кои децата се главни ликови, од кои најскорешен настан е пречекот на Османи на децата од Авганистан.

„На пример, министерот Бујар Османи, наместо да се слика со децата, да ги штипка и да им дели подароци, ќе ценевме доколку ѝ соопштеше на јавноста каква грижа е обезбедена за децата, а не под превезот на солидарност кон децата бегалци од Авганистан да ги инструментализира најмладите за политички маркетинг на чекор пред изборите“, велат натаму од детската амбасада.

Тие и детално објаснија зошто, според нив, станува збор за злоупотреба.

„Семејствата и децата во Авганистан преживуваат криза која според својот интензитет е на врвот, не само што менуваат дом, туку менуваат земја, култура, обичаи, влегуваат во сосема нова средина што бара од нив ново учење и справување и со губитокот и со новата средина. Во таква состојба секое изложување во јавност на овие лица, особено на децата кои немаат изградени механизми на одбрана, во најмала рака е злоупотреба. Уште повеќе, тоа е индиција за немање емпатија кон туѓата болка, несреќа, воопшто кон емотивната состојба. Уште ако на тоа се додаде и дека се добиваат политички поени, актот добива уште попроблематична димензија“, се вели во реакцијата.

Од Меѓаши потсетуваат дека Законот за заштита на децата член 12 став (4) забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.

„Бараме посочените видеа и фотографии под итно да се повлечат. Линк од видеото не споделуваме заради заштита од секундарна виктимизација на децата“, стои во реакцијата.

Осуда за злоупотребата на децата од Авганистан „за ниски политички мотиви и лична промоција на социјалните мрежи“ од страна на Османи, денеска пристигна и од Алијанса за Албанците.

„Објавувањето на сликите и видеата на децата и политички персекутираните фамилии претставува суров начин на злоупотреба на човечки несреќи, посебно на децата. Исто така ова претставува и загрозување на безбедноста на животите на авганистанските политичките дисиденти.

За да биде иронијата уште поголема, многу од медиумските претставници пријавија дека биле спречени од страна на кабинетот на Османи за да го следат овој настан. Образложението било дека деца се во прашање и нивни слики не смеат да се објавуваат“, реагираа од АА.

Според нив, ваквата постапка на Османи е доказа за трагичното ниво на кое паднале функционерите на ДУИ поради стравот од пораз на локалните избори, поради што не бираат средства за да придобијат глас повеќе.

- Реклама -