Владата за новите мерки за излез од државата: Целта е да не бидеме препознавани како извозник на коронавирусот

Од денеска стапија на сила мерките на Владата за влез и излез од државата, според кои на граничните премини (ќе) се бара сертификат за извршена вакцинација односно примени две дози на вакцина, потврда за прележан Ковид во последните 45 дена сметајќи од денот на оздравувањето, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, или негативен брз тест за антигени тела не постар од 48 часа. Според мерката, на лицата што нема да приложат ниту еден од наведените документи ќе им биде одреден задолжителен 7-дневен карантин на личен трошок, со тоа што истиот може да биде скратен на 5 дена доколку во меѓувреме лицето приложи негативен ПЦР тест.

Мерката првично се однесуваше само на оние што влегуваат во земјата, но вчера Владата ја прошири и за лицата кои ја напуштаат државата, без оглед дали се наши или странски државјани (исклучок се само домашните и странските возачи на товарни возила кои транзитираат низ земјата).

Прашани за новото проширување на мерката, портпаролите на Владата – Муамед Хоџа и Душко Арсовски, денеска на прес-конференција, одговорија дека целта е да се поддржи имунизацијата како најсоодветен одговор за спречување на ширењето на вирусот и да се избегне земјава да биде препознавана како извезувач на коронавирусот:

„Мерката е израз на нашата определба да направиме сѐ што е потребно нашата земја да се препознае како земја која води активни политики за имунизација и која не треба да се препознава како земја извозник на вирусот. Треба да се има предвид дека постапката за обезбедување доказ за вакцинација или за прележан КOВИД-19 е вообичаена постапка за проверка на граничните премини при влез во огромен број европски и светски земји која граѓаните секако треба да ја испочитуваат и со тоа оваа мерка веќе во голем процент и се спроведува“, истакнаа портпаролите.

- Реклама -