Мадрид, 30 август 2021 (МИА) – Реал Мадрид и ПСЖ ги продолжуваат преговорите околу евентуалниот трансфер на напаѓачот Килијан Мбапе. Сепак, францускиот клуб не е подготвен да се раздели со 22-годишниот напаѓач за помалку од 200 милиони евра, објави „Марка“.
Претходно се дозна дека парижаните не се задоволни од понудата на Реал Мадрид во износ од 170 милиони евра плус 10 милиони во форма на бонуси.
Да потсетиме, актуелниот договор на Мбапе со ПСЖ важи до 30 јуни 2022 година. Килијан игра за парижаните од 2017 година, а претходно ги бранеше боите на Монако. Во последната сезона на француското првенство, напаѓачот учествуваше на 31 натпревар, постигна 27 гола и забележа седум асистенции. Тој исто така има осум голови на 10 натпревари во Лигата на шампионите.
На Европското првенство ова лето, Мбапе учествуваше на четири натпревари за Франција, на кои не постигна гол и направи една асистенција.