Апасиев: Соработката со Георгиевски е вин-вин ситуација

Лидерот на „Левица“ – Димитар Апасиев, денеска на прес-конференција соопшти дека како партија на претстојните избори ќе му дадат поддршка на независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје – Петар Георгиевски Камиказа. Ова, рече Апасиев, е вин-вин ситуација, затоа што по сите анкети тој го победува актуелниот градоначалник на Скопје – Петре Шилегов, во сите урбани средини, а она што му фали се гласовите на младите кои партијата ги поседува.

Левица, појасни Апасиев, ќе учествува со максимум десет кандидати за градоначалници и четириесеттина советнички листи. Во Град Скопје, советничката листа ќе ја предводи Хактан Реџеп Исмаил.

Тој истакна дека викендов како партија ја финиширале програмата за локалните избори во четириесет општини и Градот Скопје, односно онаму каде ќе имаат свои листи.

„Таа ќе биде испечатена, но не смееме пред кампања да изнесуваме детали, бидејќи досега искуството ни е лошо, затоа што често ни ги препишуваат проектите“, рече лидерот на Левица.

Прочитајте и:  Левица: Премиерот Мицкоски и министерот Тошковски го изгубија судскиот спор со Левица

Георгиевски, според Апасиев, сигурно влегува во вториот круг.

„Сега за сега анкетите се оптимистички, односно Перо Камиказа влегува во втор круг, а потоа што ќе се прави ќе се види во тие две недели пред тој да се одржи“, истакна Апасиев.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје – Георгиевски, на прес-конференцијата, истакна дека еден од поважните проекти, меѓудругите, ќе биде реконструкцијата на Универзалната сала, иако, како што рече, засега не сака да прецизира кои и какви би биле капиталните проекти, затоа што, според него, треба да се види со колку средства располага градот.

За она што планираме, рече, постепено ќе ги информираме граѓаните, а до детали ќе се каже што ќе се прави кога ќе се види колкав е буџетот со кој располага Градот.

- Реклама -