Дебитанти, повратници и нов селектор – македонскиот репрезентативен фудбал почнува ново поглавје

Скопје, 30 август 2021 (МИА) – Два месеци по историскиот настап на ЕУРО2020 и збогувањето со репрезентативниот дрес на Горан Пандев и Иван Тричковски, македонската фудбалска репрезентација денеска ги почнува мини – подготовките за септемврискиот циклус во мундијалските квалификации кои „црвено – жолтите“ ќе ги продолжат со нов селектор и видоизменет состав.

Назначувањето на Благоја Милевски на местото на Игор Ангеловски на селекторското столче резултираше со нови имиња во македонскиот состав, но и со амбиции да продолжи резултатскиот подем на репрезентативен план.

За трите септемвриски дуели против Ерменија, Исланд и Романија, селекторот Милевски повика четири дебитанти и исто толку повратници во репрезентативниот дрес.

Шанса прв пат да го облечат репрезентативниот дрес ќе имаат Јани Атанасов (Хајдук), Тодор Тодоровски (Раднички Ниш), Бојан Миоски (МТК) и Никола Серафимов (Залаегерсег), додека по подолга пауза во репрезентацијата се враќаат Адис Јаховиќ (Гезтепе), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс), Дејан Илиев (Серед) и Стефан Ашковски (Сепси).

– Започнуваме нов репрезентативен предизвик и се радувам на собирот и деновите кои ни следуваат. Подготовките се кратки и мора да ги искористиме максимално. Ја знаеме нашата цел, знаеме со што располагаме и одиме да го потврдиме квалитетот. Резултатот е секогаш важен. Затоа во пресрет на подготовките за натпреварот со Ерменија велам дека сакаме победа бидејќи тој резултат ќе ни донесе дополнителна самодоверба. Сите го сакаме најдоброто и ќе се обидеме така и да изгледаме да натпреварите кои ни следуваат. Го сакаме предизвикот и сакаме да покажеме дека заслужуваме да бидеме меѓу најдобрите. Се надевам дека сите ќе бидеме здрави и подготвени за тоа, изјави селекторот Милевски спроти стартот на мини – подготовките за трите септемвриски дуели.

Првиот предизвик пред неговите избраници ќе биде Ерменија, в четврток во Скопје, по што следи гостување во Исланд и дуел на домашен терен против Романија.

Со две победи, над Лихтенштајн и Германија, македонската репрезентација по трите воведни кола е второпласирана во квалификациската група Ј со три бодови помалку од лидерот Ерменија.

- Реклама -