5 евтини финти со кои сериите ги држат гледачите во неизвесност

„Изгубени“ Сè помалку луѓе гледаат телевизија или во најмала рака, гледаат многу помалку отколку некогаш. И како што сè повеќе луѓе се откажуваат од ова задоволство (или пак се решаваат за послаткиот начин на преземање на сериите преку торенти), телевизиите смислуваат нови евтини трикови за да нè држат зависни. Еве неколку финти на кои веќе нема да паѓаме… од следната недела.

Сè помалку луѓе гледаат телевизија или во најмала рака, гледаат многу
помалку отколку некогаш. И како што сè повеќе луѓе се откажуваат од ова
задоволство (или пак се решаваат за послаткиот начин на преземање на
сериите преку торенти), телевизиите смислуваат нови евтини трикови за
да нè држат зависни. Еве неколку финти на кои веќе нема да паѓаме… од следната недела.

Клифхенгери и нивното поништување

(видено во „Стар Трек – Следната генерација“, „24“ и многу други)

Џек Бауер

Се работи за ситуација во која приказната се паузира со клифхенгер, а во следната епизода, ситуацијата од која никој не би можел да најде излез, без да ги испоубие сите ликови, се разрешува за неколку минути. Во „24“, Џек Бауер завршува во кинески затвор на крајот од сезоната. Гледачот си помислува – од ова тешко дека ќе се спаси; поминува летото и на почетокот од новата сезона го гледаме Џек Бауер како се симнува од авион во САД, со долга брада како „последица“ од суровото искуство. Во „Стар Трек, Следната генерација“, првиот офицер, Вил Рајкер е соочен со дилемата дали да го уништи бродот на Боргите, додека капетанот Жан Лук Пикард е сè уште заробен кај нив. Сезоната завршува со мачната наредба да се пука од сите оружја, а штом ќе почне новата, гледаме дека ударот од тие оружја немал никаков ефект врз непријателскиот брод.

Зошто функционира?

Продукциите на телевизиските серии запираат, понекогаш дури и до една година. Во текот на тоа време, продуцентите мора да најдат нешто со што ќе ги заинтригираат гледачите, за новата сезона да биде дочекана со едно чудо озборувања. Кога големото „чудо“ кое се очекува ќе изостане, никој не е вистински разочаран, зашто е среќен што омилената серија продолжила да се емитува.

Зошто не би требало да успева?

Секогаш се покажува дека поништувањето на клифхенгерот е чист маркетингшки трик и нема никакво влијание врз приказната. Џек Бауер успева да се справи со траумите од престојот во ужасниот кинески затвор за само неколку часа од новиот „ден“. Изостануваат кошмарите, алкохолизмот, депресијата, психијатриските сеанси…


Парови кои постојано раскинуваат и се смируваат

(видено во „Канцеларијата“, „Пријатели“, „Сексот и градот“, „Скрабс“ и сите сапунски опери)

По месеци или години исполнети со сексуална тензија, два главни лика признаваат дека се вљубени еден во друг и одлучуваат да бидат заедно. Моментот најчесто е придружен со страстен бакнеж и извици на поддршка од публиката во студио. Тоа на обичниот гледач му влева надеж дека и тој еден ден ќе ја најде вистинската љубов во единствената згодна девојка од неговата околина. Потоа следи раскинување.Обајцата почнуваат да излегуваат со други луѓе, па се јавува љубомора, зашто им е јасно дека сè уште се сакаат. На крајот повторно стануваат пар, за во некоја точка во иднината повторно да раскинат и да ги повторат сите нешта, се разбира, доколку серијата трае толку долго.

Зошто е ефективно?

Емоциите (особено романтичната љубов) е нешто со кое гледачот е секогаш заинтригиран. А, кој е подобар начин да навлечеш некого на серијата, отколку постојано да му ја даваш и одземаш романтичната љубов? Периодите на раскинување се добри за внесување на нови, привремени ликови кои ќе го подигнат рејтингот и ќе подготват терен за новата етапа во цикличната врска.

Зошто не би требало да успева?

Повторување. Се работи за едно исто место од каде што писателите се обидуваат да извлечат инспирација. Да, постои доза на реализам во целата приказна, зашто и во вистинскиот живот гледаме парови кои постојано раскинуваат и се враќаат во врската, но, не се ли истите тие паровите на кои би сакале да им удрите по некоја?

„Скрабс“

Зачувување на „лошиот“ во реалните шоуа

(видено во „Приправникот“ <Шоуто на Доналд Трамп>, „Пеколна кујна“ и сета реални шоуа во кои има шеф)

Омароса

За разлика од реалните шоуа каде што публиката е вклучена во гласањето (иако некогаш гласовите знаат да се „изгубат“), во оние каде што еден „шеф“ ги носи одлуките, се работи на сосема поинаков принцип. Кога се вели дека главниот ги носи сите одлуки, тоа значи дека тимот продуценти задржуваат или бркаат кого сакаат, т.е.остануваат оние што можат да извадат најдобар рејтинг, а не оние кои се најдобри натпреварувачи. Така, во првата сезона на „Приправникот“, на милиони гледачи им беше претставена кралицата кучка на универзумот – Омароса. Со CV во кое се наведени 4 откази во само 2 години заради нетолерантност, таа добила шанса да се натпреварува за шанса да добие вработување во компанијата на Доналд Трамп? Зошто? Зашто продуцентите знаеле дека таа ќе внесе котраверза во целото шоу. Тоа е една од главните причини што таа беше задржана речиси до крајот.

Зошто е ефективно?

Најевтиниот начин да внесеш драма во некоја приказна е преку конфликт. Во шоу кое не е според сценарио, сè што ти треба за да обезбедиш појавување на конфликтни ситуации е барем еден човек со „тежок карактер“.

Зошто не би требало да успева?

Продуцентите на овие шоуа мислат дека конфликтот може да се манифестира единствено преку натпревари во врескање. Но, колку врескање можат гледачите да поднесат пред тоа да им стане здодевно, ако не и депресивно. Најлошо од сè за овој концепт на зачувување на негативецот по секоја цена е што продуцентите мораат да си ги прекршат правилата за да ги остават во игра. Откако ќе видите дека оној кој е најнеодговорен се извлекува секоја недела, полека почнувате да ја губите вербата во шоуто и општо во човештвото.

Ликови кои воскреснуваат

Кара Трејс

(видено во „Батлстар Галактика“, „Стар Трек Војаџер“, „Екс Фајлс“)

Научно-фантастичните серии се особено незгодни зашто создаваат свет во кој никој не е вечно мртов. Лик може да се врати преку клонирање, грабнување од вонземјани, интервенција од повисока сила (или супериорно битие). Во случајот со „Батлстар Галактика“ постои цела раса кибернетички организми – Сајлонци, кои можеш секојдневно да ги убиваш исфрлајќи ги во вселената, за секојпат да се вратат како нови, со совршена коса и испеглана облека.

Зошто е ефективно?

Како и во случајот со клифхенгерите, оваа финта им овозможува на писателите да имаат сè – и драматичниот ефект од смртта и понатамошното постоење на некој од омилените ликови (т.е. ликовите кои го одржуваат рејтингот).

Зошто не би требало да успева?

Проблемот со претераната употреба на оваа финта е што гледачите се навикнуваат на концептот, па драматичниот ефект од смртта полека го снемува. Веројатно не постоел човек кој помислил дека Кара Трејс е мртва, кога нејзиниот вајпер експлодира во црвјата дупка, во „Батлстар Галактика“. Исто така, сите го видоа Џин како умира во експлозијата на бродот, но веројатно истовремено помислија дека може да се врати како дух, преку патување низ времето или едноставно, дека магичниот остров може да го излечи. Сепак, станува збор за „Изгубени“… По подолго гледање научна фантастика, кога некој ќе умре, гледачот едноставно ги превртува очите.

Измамнички тизери

(видено во сите големи серии)

Поли

Кога некоја серија ќе почне да го губи својот шарм или кога писателите ќе дојдат до период на недостаток на инспирација, се случува да составуваат тизери за следната епизода кои најавуваат нешто што нема да се случи. Тоа се случуваше во последните две сезони од „Сопранови“. Претходно, кога Тони ќе кажеше: „Треба да се справиме со него“, тоа значеше дека тој некој ќе заврши на дното од океанот со многу прострелни рани. Во претпоследната сезона,во еден тизер, Тони вели:„Треба да се справиме со Поли“, а во следната сцена се гледа како еден човек кој стои во темна уличка е застрелан. Во следната епизода, излегува дека справувањето со Поли е жесток разговор, а застреланиот е некој за кого никогаш порано не сме чуле. Ова сè почесто се случува и со други серии. Задолжениот за правење на тизерите намерно ги монтира сцените на таков начин за да ја залаже публиката, а неретко ги спојува дијалозите сосема неприродно. „Изгубени“ отидоа и еден чекор понатаму. Неретко се случува нараторот да ве излаже в лице со реченици како: „Следната недела, тајната на островот најпосле ќе биде откриена“.Понекогаш можете да забележите сцени или дијалози кои се снимени само за потребите на тизерите. Тоа се оние сцени кога некој вели: „Ова би можело да промени сè“ по што апсолутно ништо не се менува и ништо не се случува.

Зошто е ефективно?

Продуцентите знаат дека гледачот се враќа пред телевизорот секоја недела за да ги види големите настани – смртта на некој главен лик или расветлувањето на некоја голема тајна која виси во воздух. Нормално дека такви нешта не може да се случуваат во секоја епизода, па затоа со оваа финта ја држат напнатоста недела по недела.

Зошто не би требало да успева?

Нема ништо полошо од изневерување на очекувањата, недела по недела. „Сопранови“ и „Изгубени“ најдобро го воочија тоа, соочувајќи се со драстичен пад на рејтингот, зашто гледачите едноставно престанаа да веруваат дека нешто масивно ќе се случи токму оваа недела и едноставно престанаа да гледаат. [5 Cheap Tricks TV Shows Use To Keep You Watching]

- Реклама -