Заев: Авганистанците ќе нѐ чинат вкупно 74.000 денари, згрижуваме поголема бројка зашто повеќе сме луѓе од некои поголеми држави

Вкупно 74.000 денари ќе ја чини државата згрижувањето на Авганистанците, но не се знае точно колку од нив ќе пристигнат во земјава зашто бројката постојано се менува, како што вчера се откажаа дел и заминаа на други дестинации, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Со згрижувањето на граѓаните од Авганистан, посочи тој, ќе ја испратиме клучната порака на солидраност и ќе покажеме дека мала земја како нашата, рамо до рамо со развиените држави, подава рака во најтешките моменти.

„Зошто се определивме за поголема бројка од некои поголеми држави? Зашто веројатно имаме поголемо срце, зашто сме повеќе луѓе, зашто живееме во регион кој трпел конфликти, пател и знае што е солидарност. Такво е и Скопје кое ја испрати пораката за солидарност во 1963 година. Се работи за прашањето дали сме луѓе или не, да подадеме рака. И еден човек да спасиме, мислам дека го спасуваме светот. Ние се јавивме и се понудивме заедно со стратешките партнери да го споделиме тоа што значи одговорност, принципи и вредност“, рече премиерот, повторувајќи дека е многу важна подготвеноста на една мала земја, тука, во срцето на Балканот, рамноправно со целиот демократски свет да ја испрати пораката на човечноста и хуманоста.

Тој додаде дека од авганистански граѓани прво ќе стигат миротворци, активисти за човекови права, новинари, преведувачи, жени, деца, асистенти на нашата Армија кои за 19 години опслужиле 3.500 македонски војници.

Извор: МИА

- Реклама -