21-годишно момче починало од Ковид-19 во тетовската болница, неговиот организам не реагирал на терапијата

Дваесет и едногодишно момче е меѓу шестмината пациенти кои починале од ковид-19 во тетовската болница изминатите 24 часа.

Момчето, кое починало ноќеска околу полноќ, во тетовскиот Ковид центар било примено на 15 август, а карактеристично во болничкото лекување била отпорноста која организмот ја имал кон антивиралната терапија, објасни на средба со новинарите координаторот во Ковид центарот – д-р Гзим Нуредини, пренесе МИА. Момчето немало хронични болести.

„Беше примен во многу тешка општа состојба, по консултација со Инфективна клиника во Скопје, родителите одбија да го носиме. Посетен беше од доктори од Скопје, ден пред да почине и дента кога почина. Бил на цела антивирална терапија по најновите протоколи за лекување, за жал беше резистентен на терапијата. По официјални анамнестички податоци што ги имаме, се работи за лице без никакви коморбидетети. Неофицијално, по претпоставка се сомневаат за некаков синдром, според искуството на лекарите. Ова е нешто многу серизно – да ви почине дете младо без коморбидитети, но лекарите што го прегледале се сомневаат за одреден синдром, но за тоа треба генетски тестирања, не реагирал на терапија. Давале терапија, а одело на полошо, бил лекуван и во Тетово и од Скопје лекари дошле, да не се сомневаме дека не отишол, нега добил, да не се сомневаат и граѓаните“, изјави д-р Нуредини.

Тој повторно апелираше до младите да внимаваат, бидејќи се главните преносители на вирусот.

„Во Тетово има многу млади заразени – да не мислат дека е од клима, настинка, треба да се тестираат. Или ако не се тестираат, нека се изолираат. Оти не дај Боже да ги фати сега и младите, градот е полн со млади луѓе. Да видиме за каков сој се работи, да не е новиот сој, не знаееме. Уште еден апел да не мислат луѓето дека е шега, нема специфична терапија, ако самиот имун систем не е во ред, тој се бори со вирусот. Значи цела палета на антвирални лекови не е тоа што го собори вирусот. Младите треба да внимаваат, веднаш да се тестираат“, рече Нуредини.

Тој вели дека државните институции се запознаени со состојбата и од таму треба да се очекуваат евентуални порестриктивни мерки, потсетувајќи дека населението со носење маска придонесува за поголема заштита.

Како што информираше Нуредини, бројот на вкупно хоспитализирани во тетовската болница е 123 лица. Од нив, една доза вакцина имале примено само 8 лица, а две дози само 7.

- Реклама -