Мичел ги поздрави заложбите на премиерот Заев за прифаќање цивили од Авганистан

Дерек Мичел, претседателот на влијателната американска невладина организација посветена на унапредување на демократијата во светот – Национален демократски институт (НДИ), денеска на Твитер го поздрави премиерот Зоран Заев и неговите заложби за прифаќање на цивили од Авганистан кои, како што напиша, својот живот го посветиле на мирно и мултиетничко општество со еднакви права за сите.

„Таквото лидерство и солидарност е она што се бара во време на криза“, порача Мичел во твитот.

Претходно, премиерот Заев изјави дека сме солидарна земја и дека нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи од сите земји во светот.

„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан. Подготвени сме да обезбедиме сместување во хотели и одморалишта за што оперативата и трошоците за време на нивниот престој, до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД“, порача Заев.

Претходно и поранешната државна секретарка на САД – Медлин Олбрајт, им се заблагодари на Албанија, Канада, Косово и Северна Македонија кои се согласиле да им дадат засолниште на нивните сојузници од Авганистан, особено на жени и деца на лидерите на цивилното општество.

- Реклама -