Промоција на автобускиот превоз во Тетово, автобусот четири пати не можел да продолжи поради паркирани автомобили

Јавниот градски автобуски превоз во Тетово почна да се одвива денеска со промотивно возење на една од линиите. Претставници од општинскиот Совет и од јавни претријатија, како и новинарски екипи, со автобус на „Тетово транспорт“ поминаа делница од автобуската станица, преку булеварите „Видое Смилевски-Бато“ и „Маршал Тито“ и „Илинденска“ се до Универзитетот на Југоисточна Европа и назад, објави МИА.

Возењето почна околу 9.30 часот – дел од денот кога има сообраќаен метеж, најпрво кај пазарот, а потоа и на булеварот „Илинденска“ каде мораше да се вози полека во колона и во прва брзина. Од автобуската станица до Универзитетот на ЈИЕ автобусот мораше да застане четири пати зашто не можеше да го продолжи патот поради неправилно паркирани возила. За за помине од автобуската станица до плоштадот му беа потребни речиси осум минути, а од Универзитетот па назад до автобуската станица му требаа 22 минути со едно застанување на автобуска постојка кај Шарена џамија, пренесува агенцијата.

„Завршува голем проект со јавен превоз во градот Тетово, една долга приказна заврши како успешна мисија. Заслуга е на градоначалничката, советниците од Советот, администрацијата и Министерството за финансии. Голем ден е денес за Тетово, сите граѓани да се возат со градските автобуси со цел да имаме помалку метеж во сообраќајот и така да ги чуваме автобусите“, изјави претседателот на Советот Беким Мемети.

Директорот на општинското претријатие „Тетово Транспорт“ –  Дарко Спировски, објасни дека досега се работело на административни, технички и оперативно аспекти со цел да се воспатават линии, да се расчистат патишта со цел движење на автобусите.

„Ќе имаме соработка со полицијата да се обезбедат реални услови автобусите да се движат регуларно и за определениот рок да стигаат од станица до станица. Во наредните 10 дена ќе има период на прилгодување на нас кон граѓани и од граѓаните кон користењето на автобусите. Воедно сметам дека ќе се подигне свест на возачите да не паркираат возила пред автобуски постојки. Првите 10 дена ќе бидат промотивен период и беспатно ќе може да се користат услугите“, изјави Спировски.

На новинарските забелешки дека изостануваат известувања до граѓаните преку информативни гласила, директорот рече дека сето тоа ќе биде овозможено во наредниот период.

„Ќе се изработат информативни табли на секоја станица каде ќе се знае во колку часот треба да дојде автобус и колку пати во тек на ден. На секој станица ќе има електронска информативна табла да граѓаните точно да знаат каде се наоѓа автобусот, кој нареден треба да додје и во кој правец ќе се движат. За почеток ќе има хартиени билети, во дуќани ќе може да се купуваат, наскоро на сите можни продажни места да можат да се најдат. Треба да се изработи веб-страница и да се плаќа за билетите електронски преку интернет“, рече Спировски.

Претставниците на Општина Тетово посочија дека ќе се следат мерките и протоколите кои се препорачани и наложени од здравствените институции при користење на градскиот превоз.

„Секој кој влегува треба да има маска и да држи дистанца. Има дезинфекција во автобусите, а се внимава и на капацитетот“, рече Спировски.

Еден билет за едно возење е 20 денари. Предвидени се повеќе категории на билети за групи на граѓани, а ќе има и месечни и годишни карти.

- Реклама -