Спасовски: Пристигнаа четирите хеликоптери за гаснење пожар, Србија повторно се покажа како сосед за пример

„Државата е со граѓаните, а со нас денеска се нашите пријатели, мојот драг колега од Република Србија, Александар Вулин и српскиот помошник министер за кризни ситуации Лука Чаушиќ, кои ни испратија и 4 хеликоптери за гаснење на пожарите, кои ќе се приклучат на нашите два хеликоптера и ќе сториме сѐ што можеме да ја спречиме огнената стихија низ државата“, соопшти денеска министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски.

Тој изрази голема благодарност до Република Србија, оценувајќи дека повторно се покажала како сосед за пример, подавајќи ни рака кога ни е најтешко. Спасовски му се заблагодари и лично на Вулин за денешната посета на државава, додавајќи дека тоа многу значи за граѓаните.

„Особено е значајно кога човек во неволја не е оставен сам на себе. Затоа се со нас нашите пријатели, затоа ние сме со нашите граѓани“, истакна Спасовски.

Во однос на моменталната состојба со пожарите, Спасовски порача дека ситуацијата будно се следи и безбедноста на граѓаните е највисок приоритет:

„Благодарение на функционалноста на системот, на професионалноста на службите – пожарникарите, полицијата, армијата, но и на смиреноста и солидарноста на граѓаните, како и одговорноста при известувањето на медиумите, успеваме ситуацијата да ја ставиме под контрола.

И понатаму будно ја следиме состојбата, со сите ангажирани расположливи капацитети и со оние кои допрва ќе стигнат од нашите пријатели и сојузници. Материјалната штета повторно заеднички ќе ја надоместиме, а безбедноста на граѓаните останува наш најголем приоритет“, порача министерот за внатрешни работи.

- Реклама -