Заев за „Танјуг“: Со „Отворен Балкан“ младите ќе ни останат дома

„Имаме искрени намери, можеме само да се надополнуваме. Покрај тоа, како обединет регион, многу повеќе ќе нѐ почитуваат во Западна, Северна и Централна Европа, бидејќи заедно можеме да понудиме поголем обем на производство, да привлечеме повисоки стапки на туризам и да понудиме квалификувана работна сила. Регионалната иницијатива ‘Отворен Балкан’ сега ни создава можности да направиме многу и сами да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните“, изјави премиерот Зоран Заев во ексклузивно интервју за српската ТВ „Танјуг“, пренесува „Фронтлајн.мк“.

„Фабриките што имаат интерес да инвестираат во Врање, можат да бидат успешни доколку привлечат работна сила од Куманово. Како што постојат фабрики како во Струга (Магна од Канада), кои треба да привлечат кадри и работници од Албанија“, посочи Заев.

Премиерот потенцираше дека е неопходно да се подобрат реформските процеси, владеењето на правото, целокупната слобода, здравството, образованието и регионалната соработка. Наведувајќи ги придобивките постигнати досега, тој подвлече дека целта е младите да останат во својата земја.

Во рамки на регионалната иницијатива, секој граѓанин на Србија, Албанија и Северна Македонија кој заболел од корона, може бесплатно да се лекува во сите три земји.

Заев истакна дека се потпишани договори со кои се унапредија системите на повеќе институции, а на самитот во четвртокот беше потпишан и договор за заедничко дејствување и обединување на сите капацитети на системот за безбедност и заштита од катастрофи.

„Потпишавме и договор и меморандуми за признавање на работните дозволи и дозволи и меморандуми за забрзување на меѓусебните економски транзитни правци, со крајна цел да не чекаме на границите, камионите и граѓаните да поминуваат што е можно побрзо“, рече Заев.

Тој наведе и дека сите три земји работат заедно и на создавање фонд што ќе ги мотивира актерите, режисерите и сценаристите да снимаат филмови, како тим, заедно.

Покрај тоа, ќе им се помогне и на хотелите. Тие за возврат ќе примат околу 1.000 деца од сите три земји, на 7 до 10 дена на Копаоник, Златибор, Нови Сад, Охрид, Дојран, Драч, Саранда.

„Сето ова води до позитивни резултати. Сега сме заедно, ние кои треба да им служиме на граѓаните и економијата“, рече премиерот, додавајќи дека со истите размислувања зборува со претседателот на Србија – Александар Вучиќ, и со премиерот на Албанија – Еди Рама.

- Реклама -