Преку 41 илјади картички за бесплатни патарини досега се поделени на српските туристи како знак на благодарност за тоа што Србија ни донираше вакцини против ковид-19, соопшти денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој заедно со својот српски колега Томислав Момировиќ симболично делеше М-картички на граничниот премин „Табановце“.
„Ова е гест на благодарност и практика на добрососедство“, истакна Бочварски, потсетувајќи дека мерката, со одлука на Владата, се спроведува од 15 јуни до 15 август – период во кој фреквенцијата на српските туристи е најголема.
„Процесот продолжува и натаму како гест на благодарност кон граѓаните на Република Србија за нивниот хуман однос, со тоа што во најголемата криза тие доделија бесплатни вакцини за граѓаните од нашата земја. Исто така, ги поканувам да ги посетат нашите туристички центри во Република Северна Македонија“, порача министерот за транспорт и врски.
Според него, двете земји имаат добри билатерални односи, а соработката на ниво на министерства е одлична. Сепак, Бочварски најави и понатамошно продлабочување на соработката.
„Уште претходно, во Словенија, со српскиот колега зборувавме за соработка на уште повисоко ниво, за економско зајакнување на регионот. Во таа насока ќе го реализираме проектот за ‘оне-стоп-шоп’ железничка станица тука на ‘Табановце’, каде на едно место ќе се завршат сите царински и гранични постапки за побрз проток на луѓе и стока“, рече Бочварски.
Меѓу другото, тој најави и повторно воведување на брзиот воз на релација Белград-Скопје-Солун, но нагласи и дека максимално треба да се искористи и модерната патна врска од Коридорот 10, каде дополнително би се забрзал сообраќајот преку т.н. „брзи ленти“ на граничните премини.
„Развојот е условен од подеднаков развој во сите земји од Западен Балкан, со цел да се обезбеди просперитет на граѓаните, да се олеснат трговијата и транспортот. Ние остануваме посветени и на нашиот пат кон Европската унија. Нашето пријателство дополнително ќе го градиме за благосостојба на нашите граѓани“, подвлече Бочварски.
Момировиќ, пак, истакна дека за Србија од големо значење се односите со Северна Македонија.
„Нѐ поврзува историјата и длабоките корени меѓу нашите народи. Србија, во ек на пандемија, покажа дека храбро стои до своите соседи, а така ќе биде и во иднина. Во знак на благодарност, Владата на Република Северна Македонија им овозможи на српските граѓани бесплатно да ги користат патиштата. Во име на сите граѓани на Србија им се заблагодарувам на македонските власти. Овој гест ќе даде светол знак на Мини-Шенген иницијативата, чија цел е ширење на економскиот простор, јакнење на конкуренцијата, засилена трговија“, порача српскиот министер за транспорт.