Гаши: Очекувам резолуција и за навредливата формулација за албанскиот јазик во Уставот

„Тоа што не сакате вам да ви го прават, не би требало вие да им го правите на други“, им порача лидерот на Алтернатива – Африм Гаши, на Македонците и македонските политичари.

Опозиционерот од албанскиот блок вели дека во принцип почитува и поддржува секој човек, оттаму и секој народ, да се самоопределува како што се чувствува и да го брани и негува својот етнички, културен, верски и јазичен идентитет. Но, истовремено, потенцира Гаши, „тие кои се чувствуваат дека нивниот идентитет е загрозен во која било битна компонента, треба да знаат дека треба да го почитуваат и да им дозволат и на другите да го бранат својот идентитет во секоја своја димензија“.

Се разбира, Гаши зборува за Албанците, а проблемот, според него, е во тоа како е формулиран албанскиот јазик во Уставот, односно формулацијата „Јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, а кои не се мнозинство“. Во изјава за „Дојче веле“, Гаши вели дека ваквата формулација не само што е навредувачка и понижувачка, туку директно задира во јазичната идентитетска компонента на Албанците во државава.

Според него, Албанците секогаш застанувале во одбрана на идентитетот на Македонците и истото го прават и сега, но не наидуваат на реципрочен однос, туку напротив – „на Македонците им пречи дури да го спомнат нашиот јазик како албански“, вели Гаши.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

„Секогаш кога на мета бил идентитетот на нашите сограѓани Македонци, сите граѓани од другите етнички заедници, а особено Албанците, застанале во одбрана и на страна на своите сограѓани, со кои ја делиме истата судбина и иднина и градиме заедничка држава. За време на тридеценискиот спор со Грција кој навлегуваше во идентитетската сфера, Албанците застанаа зад Македонците, но и сега, кога кулминираше спорот со Бугарија, Албанците повторно застанаа зад Македонците. Ние цело време покажуваме емпатија кон Македонците и така ќе продолжиме, но за жал тоа не е реципрочно“, обвинува лидерот на Алтернатива.

Оттука, тој очекува по резолуцијата за македонските „црвени линии“, сите македонски партии да предложат нова резолуција со која во Уставот и во законите ќе се промени навредливата формулација за албанскиот јазик, „ако сакаме да покажеме заемна почит и соживот во заедничката држава која ја градиме“, вели тој.

Инаку, Алијанса за Албанците и Алтернатива денеска изјавија дека својот став за резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ официјално ќе го соопштат утре, поради патување на лидерот на АА – Зијадин Села.

- Реклама -