СДСМ обвинува: Нова блокада на ВМРО-ДПМНЕ, овојпат за понискиот ДДВ на струјата

„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се против граѓаните да плаќаат помали сметки за електрична енергија“, обвинуваат од СДСМ, од каде посочуваат дека пратениците на опозициската партија на денешната собраниска седница не гласале за усвојување на потребата од скратена постапка при носењето на измените и дополнувањата на Законот за додадена вредност со која ДДВ за струјата ќе се намали од 18 на 5 отсто.

Како што велат од Владата, целта на овие измени и дополнувања на Законот за ДДВ е со пониски цени на електричната енергија да им се помогне на домаќинствата со намалување на нивните трошоци.

Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), пак, известија дека и покрај новата цена за електрична енергија за еден киловат час, сметките ќе останат речиси исти со примена на измените на Законот со кои ДДВ за електрична енергија.

„Евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали, како и до сега, а сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети со носење на законот со кој ќе се намали ДДВ-то за електрична енергија. Намалувањето на ДДВ-то е добро решение“, порача претседателот на РКЕ – Марко Бислимовски.

Од СДСМ велат дека и покрај тоа што овие измени се во корист на граѓаните и државата, и овие измени наидоа на „блокада“ од опозицијата, што е, велат, својствено за парламентарното однесување на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиов период, заедно со претпочитањето на личните и партиските интереси.

„Партијата предводена од Христијан Мицкоски започна да ги ‘кочи’ сите предлози на Владата и владејачкото мнозинство во Собранието, но особено наидоа на негативни реакции во јавноста кога го блокираа петтиот економски пакет за поддршка на граѓаните и бизнисите. Опозиционерите решија со петстотини амандмани во Собранието да ги блокираат измените во Законот за здравствена заштита, кои предвидуваа лекарите коишто ја исполниле старосната граница за пензионирање да можат да го продолжат работниот век до 67 години, особено поради искуството со вториот бран на епидемијата. ВМРО-ДПМНЕ го попречи и заемот од 90 милиони евра кредит од Светска банка, наменет за справување со последиците од корона кризата и изградба на модуларни болници. На опозициска блокада наиде и изградбата на нов Клинички центар, а препреки се најавуваат и за Законот за отпис и репрограмиње на долговите, со кои ќе им се помогне на најранливите категории“, обвинуваат од владејачката партија.

Во меѓувреме, според нив, властите континуирано изнаоѓаат начини да го зголемат семејниот буџет, и тоа преку укинување на радиодифузната такса, трикратното зголемување на социјалната помош, вториот закон за отпис на долгови и други.

Од СДСМ потсетуваат дека неодамна премиерот Зоран Заев најави дека ќе се бори за интересот на граѓаните преку „разбивање“ на сите кочници на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имаме инвестиции, насекаде, но имаме и една во последните неколку месеци и една инвестиција која се случува близу Собранието, тоа е инвестиција во гуртни, во блокови, во кочници, на нив стои амблемот на ВМРО-ДПМНЕ и ликот на Христијан Мицкоски , а на амбалажата пишува ‘Најголеми кочници на светот’ “, саркастичен беше Заев во Дебар, критикувајќи ја опозицијата.

- Реклама -