Заев: До Преспанскиот договор Македонци бевме само за дома, сега сме Македонци за целиот свет

Паметните, европски политики на Владата, ги отворија перспективите на народот и на државата, истакна премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања, повикувајќи на воздржаност од „квази-патриотски и квази-националистички реторики“, поради кои, како што рече тој, земјава 30 години тапкаше во место додека светот одеше напред.

Со Преспанскиот договор, Македонците веќе не се „Фиромци“, туку се Македонци за целиот свет, оцени тој.

„Денес, Македонците се Македонци за целиот свет. До пред Преспанскиот договор беа Македонци за дома, а за светот бевме ФИРОМ и Фиромци. Во Преспа е впишано ‘македонски’, ‘македонски јазик’, ‘македонски народ’, ‘македонско’, ‘Македонци’ и нема дилема. Порано, нашата репрезентација настапуваше под ФИРОМ и стоеше на екраните ФИРОМ – сега стои МКД и стои Северна Македонија, не ФИРОМ. Сето тоа ги отвори портите на иднината, на генерациите на кои треба да им оставиме нешто подобро од тоа што на нас нашите родители ни оставиле“, рече Заев.

Според него, денес државава како никогаш порано има поддршка од демократскиот свет:

„Денес ја имаме поддршката од целиот демократски свет, како никогаш порано. Направен е огромен респект кон целиот наш народ и кон нашата држава. Проблемите со Бугарија се отворија заради тоа што тие имаа внатрешни проблеми, кои се струполија врз Северна Македонија. Соодветните провокации од бугарска страна и од македонската страна исто така создадоа атмосфера денес една земја членка, која е наш прв сосед, Бугарија, да стави два пати вето на нашето членство во ЕУ. Но, нема ниту една замерка на нашите реформи, коишто се 100 проценти потврдени во сите извештаи на ЕУ. Пример сме за европско однесување“, оцени премиерот.

Според него, преговори со ЕУ не започнавме бидејќи Бугарија нема Парламент и нема политичка Влада. Тој изрази увереност дека преговорите ќе продолжат кога Бугарија ќе има конституиран Парламент и Влада.

Заев потенцираше дека меѓу причините за неодржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ нема ниту една која се однесува на сработеното од Република Северна Македонија.

„Лани во март добивме консензуална одлука од 27 земји членки, за почеток на преговорите. Следниот чекор е усвојување на преговарачка рамка и закажување на првата меѓувладина конференција“, рече премиерот Заев.

„Денес ние сме членка на НАТО, 26 земји членки на ЕУ од 27 недвосмислено јасно потврдуваат дека сме одличен пример за мултиетничко, мултирелигиско, функционално, демократско општество, со што Европа ги побива сите теории на нови етнички граници, или размени на територии – токму со Република Северна Македонија. И народот е токму за таквите политики; тоа се потврди и на последните парламентарни избори, а ќе се потврди сега и на следните локални избори“, заклучи тој.

- Реклама -