„Фудбалската репрезентација на Македонија и Фудбалската Федерација на Македонија се пример на успех, заедништво, тимски дух, работа, енергија. Сите се радуваме и ги бодриме. Ни покажаа дека може да има добра приказна од Македонија… Затоа, господине Заев, од нешто што нѐ обединува, немојте да правите нешто што ќе нѐ раздединува“, му порача денеска на премиерот поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ – Илија Димовски.
Според него, Заев/Владата ниту имаат право да се мешаат во ФФМ, ниту да бараат промена на нејзиното име, а уште помалку имаат право да се мешаат во тоа како ќе изгледа дресот или амблемот на ФФМ.
„Оставете го фудбалот, спортот и Федерацијата надвор од вашата погрешна политика. Оставете ги луѓето да навиваат за Македонија, кога веќе им го одземавте правото да живеат во Македонија“, порачува Димовски, потсетувајќи дека и министерот за надворешни работи Бујар Османи, и UEFA, веќе се произнесоа дека нема никаква потреба од менување на името, амблемот или кодот на нашата репрезентација и Фудбалската федерација на Македонија.
Овој апел на Димовски следува откако премиерот Заев, во одговор до грчката новинска агенција АНА-МПА и грчката национална телевизија ЕРТ, најави дека „проблемите“ кои ги покрена Грција до УЕФА ќе бидат решени „согласно Преспанскиот договор“, но како што се покажа, согласно и барањата на екс-министерот за надворешни работи на Грција – Никос Коѕијас.