Фудбалот покажа дека сите сме луѓе: Финците скандираа „Кристијан!“, Данците „Ериксен!“ (ВИДЕО)

Тешки минути преживеа фудбалска Европа откако на мечот меѓу Данска и Финска од Европското првенство, данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен колабираше на теренот и ги остави илјадниците на трибините и милионите зад малите екрани без здив, да стискаат палци и да се молат за животот на фудбалерот. Главното е што веќе и официјално Ериксен е во болница и во стабилна состојба.

Пред неколку минути, тоа го потврди и неговиот агент, кој од таткото на Ериксен, директно од болница, бил информиран дека фудбалерот е надвор од опасност, дека е свесен и дека може да зборува.

Уште еден момент, кој веќе кружи на социјалните мрежи, ги исполни срцата низ Европа и светот, а тоа е единството што финските и данските навивачи го покажаа откако Ериксен беше изнесен од теренот, изразувајќи поддршка за данската фудбалска ѕвезда. Имено, тие сложно го скандираа неговото име, со тоа што Финците извикуваа „Кристијан!“, а по нив Данците – „Ериксен!“.

Внимателните можеби забележаа дека солидарноста Финците ја покажаа и претходно, кога данските фудбалери направија жив ѕид околу својот соиграч, за да му овозможат приватност во најтешките мигови. Имено, покрај ќебињата на медицинскиот тим, можеше да се забележи и финското знаме, кое финските навивачи им го позајмија за таа цел. Финското знаме се забележува и на кадрите од моментите кога Ериксен беше изнесен од теренот.

- Реклама -