Со планот за инвестиции се потврдува насоченоста на Владата кон обновливите извори на енергија

Со Интервентниот план за инвестиции 2021-2027, Владата најави преку 3 милијарди евра инвестиции во енергетиката и насочување на државата кон обновливи, или т.н. „зелени“ извори на енергија.

„Верувам дека целиот овој период ќе успееме максимално да инвестираме во сите овие обновливи извори на енергија, граѓаните да не изгубат работно место, а во соодветен временски период согласно овој ИПИ 2021-2027 да успееме дури и пред земји членки на ЕУ да ги затвориме јаглените електрани“, истакна премиерот Зоран Заев на промоцијата на Интервентниот план.

Како што истакна Заев, помеѓу најважните инвестиции во енергетскиот сектор се издвојуваат гасниот терминал и гасната електрична централа во Александруполи, како и фотонапонската електрана од 300 до 350 мегавати која ќе биде една од најголемите на Балканот, а Владата планира да ја гради на локацијата на порано предвидениот аеродром во Штип.

Покрај фотонапонски електрани, со планот на Владата се предвидува и изградба на три ветерни паркови кои ќе генерираат преку 90 мегавати енергија вредни 110 милиони евра. Овие паркови ќе се градат во Богданци, Свети Николе и Демир Капија.

- Реклама -