„Рекорд ми е 6 часа, се надевам ќе го надминам“: Апасиев по стапките на Талат Џафери, пратениците од Алијанса и Алтернатива го загубија трпението

Единствено Левица го спречува контроверзниот Предлог-закон за државјанства – соопштија денеска од партијата, откако пратеникот и претседател на Левица – Димитар Апасиев, со долгите говори и процедурални забелешки на расправата на Комисијата за одбрана, ги доведе пратениците од албанскиот опозициски блок во ситуација да го загубат трпението.

Апасиев, потсетувајќи на времињата од пред една деценија – кога Талат Џафери, во улога на пратеник, читаше поезија и молчеше од собраниската говорница – најави дека ќе го користи истиот тип на филибастеринг за да ги спречи законските измени, кои според Левица се неприфатливи.

„Очигледно, ќе ја правиме големата магија… Јас ќе седам бидејќи планирам долго да говорам. Како демонстратор најдолгото ми е 6 часа, се надевам дека ќе го надминам. Штом немате добра волја, тогаш немаме ни ние. Како професор по право, првата лекција на студентите што им ја кажуваме е дека кога има неправда не смеете да отстапувате пред неправдата; вие нѐ терате истото тоа да го правиме тука“, рече Апасиев, кој реагираше дека амандманите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не можат да бидат повлечени затоа што тоа го направил координаторот на пратеничката група, а не секој пратеник поединечно.

Пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои (заедно со СДСМ) се предлагачи на измените на Законот за државјанства, пак, инсистираа Апасиев да говори конкретно за амандманот на дневен ред, по што му се „заканија“ дека можат и да го прекинат. Следуваа меѓусебни префрлања, кои завршија со тоа што пратениците од албанската опозиција, напуштајќи ја салата, ги обвинија пратениците на Левица дека се водат од национализам, на што сопартиецот на Апасиев – Борислав Крмов, им порача да се погледнат во огледало. Еве дел од атмосферата:

- Реклама -