Да се повлече актуелниот Предлог закон за легализација на бесправно изградените објекти, да се направи попис и категоризација на дивоградбите за да се утврди нивниот точен број, па потоа да се изработи ново законско решение во кое точно ќе се прецизира кој и каков објект, како и каде и под кој услови ќе може да се легализира – порачаа експертите на денешната дебата за Предлог-законот за легализација на бесправно изградени објекти, иницирана од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК, aka. Антикорупциска).
Повлекувањето на законот е единствениот правилен чекор затоа што согласно процедурите остануваат само уште 30-тина дена за измени на постојното законско решение пред Собранието повторно да го разгледа, откако претседателот Пендаровски не го потпиша, сметаат експертите, според кои овој временски прозорец не е доволен за да се дебатира и имплементира квалитетно законско решение, наместо избрзано, кое патем би оставило простор за слични проблеми и во иднина.
Социјално загрозените семејства не градат викендици во заштитени подрачја, како на пример во Маврово, кое сѐ уште не е прогласено за национален парк, истакна директорката на Државниот инспекторат за животна средина – Ана Петровска.
Според судијата Владимир Туфегџиќ, законот е контрадикторен сам по себе и членови и термини во него се косат со веќе постоечки закони и правни постапки. Тој реагираше и дека не може сите да плаќаат ист данок, туку тој треба да зависи од големината и вредноста на објектот.
За ексминистерката за правда, професор по Уставно право – Рената Дескоска, законот остава простор за амнестија на криминал и треба да биде повлечен. Порака, категорична е таа, може да се испрати само со уривање на дивоградбите, а не со нивна легализација.
Според професорката од Архитектонскиот факултет – Дивна Пенчиќ, не може да се прават нови планови за да се вклопат дивоградбите, туку треба да е обратно – да се види дали објектот може да се вклопи во постојната планска документација, па врз основа на тоа да се дозволи легализација.
„Со ваков закон се остава порака дека јас од утре можам да го заградам игралиштето зад мојот дом затоа што дел од него било на дедо ми и со наредниот закон тоа ќе ми биде легализирано“, аргументираше Пенчиќ.
Министерот за транспорт и врски – Благој Бочварски, изрази подготвеност за прифаќање на дел од забелешките.
„Ќе се исклучат објектите кои се втор дом или викендици, односно не се водат како адреса на живеење според лична карта, со што сакаме да покажеме дека не легализираме луксуз. Исто така, има размислувања објектите кои се над 80 или 100 квадратни метри да не можат да се легализираат, бидејќи тогаш тие домови не се социјална категорија“, рече министерот, додавајќи дека Владата, како предлагач, е целосно свесна дека ваков закон не треба да се повторува, но повтори дека со тоа што сопствениците за легализација ќе треба да ја платат цената на комуналии плус 50% казна – Владата испраќа порака дека не се исплати да се гради на диво.
Треба прво да се дефинираат чекорите, а дури потоа, според предвидените чекори, да се оди исклучиво кон решение во насока на тоа проблемот со дивоградбите повеќе да не се повтори, порача претседателката на Антикорупциска – Билјана Ивановска, која дебатата ја оцени како мошне плодна и добра основа за законско решение кое „нема да создава опашки“, а врз основа на аргументи на професионалци од фелата.
Извори: 360 степени, Телма, ТВ21