Филипче за „Нова“: Кога СДСМ греши, партијата прифаќа и се менува, а кај ВМРО-ДПМНЕ тоа не постои

Министерот за здравсто Венко Филипче, од неодамна и потпретседател на СДСМ, вели дека останува посветен на здравствените политики и реализација на програмата на партијата во својот ресор, кој е еден од столбовите на државата. Во интервју за порталот „НОВА“, тој истакна дека СДСМ е реформска партија која секогаш гледа напред и се води од интересот на граѓаните. Токму тоа, рече, го мотивирало да ја прифати одоговорната партиска позиција.

„Без разлика дали е тоа надворешна политика, крупни проекти како Клинички центар, борба со пандемија, економски мерки за спас на стопанството… СДСМ при креирањето на политиките го има во фокус државниот и граѓанскиот интерес“, вели Филипче.

Прашан дали смета дека ќе биде успешен политичар како што е и успешен неврохирург, новиот потпретседател на СДСМ посочи дека успешен политичар е оној кој ќе докаже дека знае да работи и менаџира на позицијата која ја добил во владата или партија. Модерниот политичар, додаде, го одликува професионалност и успешна реализација на зададените задачи и планови, а не бесполезни политички препукувања и дебати кои веќе не ги интересираат граѓаните.

„Празни политички флоскули и итроштини, дворски игри и неполезни дебати веќе не се на цена кај граѓаните, ниту треба да бидат карактеристики на модерниот политичар. Оттаму, прашањето дали ќе бидам успешен политичар за мене значи дали успешно, совесно и професионално ќе ја работам секоја зададена работна задача. Без разлика дали е тоа министер за здравство, претседател на партиска комисија или пак друга позиција за време на изборите, јас кон сите обврски пристапувам сериозно и се трудам да ги исполнам максимално одговорно. Така и ќе пристапам кон сите идни предизвици во рамки на партискиот ангажман“, рече Филипче.

Според него, главна стратешка цел на партијата и новото раководство треба да биде привлекување на квалитетни кадри кои се докажани професионалци во различни полиња, бидејќи, како што рече, тоа е основен предуслов за успешно работење на партијата и градење доверба кај граѓаните. Мора силно да се вложува и во младината, која мора да биде поактивна и организирана, порачува тој.

„Во политиката одамна нема место за импровизација, како со кадар така и со реализација на ветеното пред граѓаните. Политичкиот менаџмент е сериозна работа која бара професионалци и одговорни луѓе на сите позиции кои ќе работат по јасно утврдени стратегии и цели. Нивната работа мора да се следи и соодветно евалуира како целиот систем би функционирал добро, а краен бенефит од тоа би имале граѓаните. Ефикасноста во работењето и реализацијата на ветувањата треба да бидат топ приоритет на партијата“, смета тој.

Во интервјуто, Филипче упати и силни критики на сметка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за нивните, како што рече, деструктивни политики. Според него, оваа партија има единствена цел „да се докопа на власт“, дури и по цена на правење големи штети на граѓаните и блокирање на сите проекти и политики во нивни интерес. Сепак, тој е убеден дека граѓаните ја препознаваат разликата и дека ќе го казнат ВМРО-ДПМНЕ на избори.

„Јас навистина не можам да ја разберам таа неконструктивност и неверојатната неспоосбност да се препознае тронка државен интерес во моменти на криза или за суштински важни прашања. Проблемот на ВМРО-ДПМНЕ е во тоа што едноставно имаат само една единствена цел, а тоа е како да се докопаат до власт небирајќи ниту метод, ниту начин. Најстрашно од сѐ е што воопшто не се грижат дали со своите методи им штетат на граѓаните. Јас сум свесен дека се случуваше СДСМ да донесе одлуки или политики кои можеле и морале да бидат подобри, но да се разбереме, постои суштинска разлика помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Кога СДСМ греши, партијата прифаќа, се менува, се унапредува и најважно од сѐ, се бори и работи за стратешкиот интерес на граѓаните и државата. Кај ВМРО-ДПМНЕ тоа не постои, таму постои само интерес за власт и личен односно тесно партиски интерес“, смета Филипче.

- Реклама -