Уште седум дена и ќе биде укината мерката за спречување на ширење на коронавирусот со која се наложува задолжително носење на маски на отворено, дознава неофицијално „Фокус“, повикувајќи се на извори од Министерството за здравство.
Се очекува Комисијата за заразни болести да даде ваков предлог, а Владата да го одобри, поради подобрената епидемиолошка состојба во земјата и големиот пад на бројот на новозаразени и хоспитализирани лица. Истиот би стапил на сила од 1 јуни.
Прашан дали ќе се збогуваме со маските, под претпоставка дека ќе се остварат најавите дека во јуни и јули веќе можеме да имаме колективен имунитет, министерот Венко Филипче не ја отфрла таа можност.
„Можно е… Следната недела ќе има состанок Комисијата за заразни болести која ќе одлучува за понатаму. Овие мерки важат до 1- ви јуни“, посочи тој.
Инаку, според првичните изјави на министерот од пред две недели, не станува збор за целосно укинување на носењето маски на отворено, туку за враќање на онаа првична мерка за носење маски кога граѓаните се во група. Останува да го почекаме официјалниот предлог на Комисијата за заразни болести.
Во однос на епидемиолошката слика, Филипче оцени дека по три силни налети, вирусот конечно стивнува. Освен тоа, сега го имаме и најсилното оружје – вакцина, истакна тој.
Според Министерството за здравство, заклучно со вчера во државата се администрирани 259.577 дози вакцини. Вакцинирани се вкупно 220.733 граѓани, од кои 38.806 примиле и втора доза.