Заев: Добро е за државата дивоизграден погон или фабрика, наместо да се рушат, да останат како трајно добро

Ќе продолжи дискусијата за Законот за третман на бесправно изградени објекти во контекст на забелешките и предлозите на претседателот Стево Пендаровски, вели премиерот Зоран Заев, откако шефот на државата не го потпиша иако пратениците го изгласаа, со образложение дека не може „од неправо да се создава право“.

Според Заев, има простор, преку стручните тимови во Владата, да се оди „подетално чекор повеќе во прецизирање на легализирање во национални подрачја, национални паркови, заштитени подрачја и слично“, иако, како што вели, тоа и без тоа е регулирано со други закони.

Вели дека и тој како човек, и институциите, се соочени со истиот избор како и граѓаните; Едната опција е да не се донесе законот и институциите да мораат да ги срушат сите „бесправни градби“, затоа што „законите се јасни“ и инспекторот е должен да издаде решение за уривање, бидејќи во спротивно треба кривично да одговара, исто како и градоначалникот или министерот за транспорт и врски, ако решението не го извршат. Втората опција е, како што вели, граѓаните кои се под прагот на сиромаштијата да можат да ги легализираат своите објекти (бидејќи со новиот закон, доколку потврдат дека се под прагот на сиромаштијата, не плаќаат ништо за легализацијата), а оние други објекти, наместо да се рушат, да останат како трајно материјално добро.

„Најважниот момент е социјалниот аспект на живеачката на значаен број на населението, односно некаде над 50 илјади објекти на граѓани кои и порано имале право, но не го искористиле затоа што се под прагот на сиромаштија и не можеле да платат елаборати и надомест од по 1 евро за квадратен метар во општините за да можат да ги легализираат своите објекти. Новиот закон има решение за тоа, сите приматели на социјална помош и оние кои ќе потврдат дека се под прагот на сиромаштијата не плаќаат ништо за ваквата легализација“, вели Заев.

„Второ, колективните згради се отстранети. Не постојат колективни згради предвидени во процесот на легализација. Трето, сѐ што не спаѓа во групите на сиромашни граѓани, а тоа се оние кои имаат објект за легализација – како стовариште, погон, фабрика – за државата е добро тие објекти да не се уриваат и да останат како трајно материјално добро. Отстранувањето е лесно да го направите и да уништите трајно материјално добро. Тие што ќе легализираат ќе имаат обврска да платат 50 проценти повеќе отколку што би требало да платат комуналии ако редовно би граделе. Со тоа се испраќа и пораката дека во иднина не се исплаќа да се гради бесправно, односно да градат без одобрение на градба“, додава премиерот.

Според него, најважно е да им се излезе во пресрет на граѓаните.

„Јас сум на став како што сум бил на став и во есента 2019 година кога Владата го донела и усвоила овој закон и го пуштила во Собранието – дека треба да водиме грижа за граѓаните. Ние постоиме заради нашиот народ; Ако граѓаните барале преку своите општини, а ЗЕЛС преку општините побара од нас донесување вакво законско решение, ние треба да им излеземе во пресрет на граѓаните. А сѐ што прави тегоба и несигурност кај нашето население треба да го слушнеме и дополнително преку законски норми да го гарантираме, тоа е решение. Но, јас сум само еден од еднаквите и во Владата и во општеството и верувам дека ќе имаме внимателно дослух со граѓаните, со сите граѓани за да можеме на крајот да донесеме исправно решение“, вели Заев.

Извор: А1он.мк

 

- Реклама -