Третиот негов премиерски мандат е доказ Албанија бележи прогрес кон членство во ЕУ, истакна два пати реизбраниот албански премиер Еди Рама во интервју за „Фајненшл Тајмс“. Според него, три декади по распадот на најголемиот комунистички режим во регионот, 2.9-милионската албанска нација ја прегрнува стабилноста и иако е млада, зрее како демократија.
„Албанија е тинејџерска демократија и како и секој тинејџер има свои проблеми, но созрева и набрзо ќе достигне зрелост“, вели Рама.
Во интервјуто, тој истакнува дека членството во ЕУ останува примамливо и покрај проблемите на Унијата со бегалската криза во 2015 година и со пандемијата. Сепак, коментирајќи ги минатонеделните најави за одделување на Албанија од Македонија во пристапниот процес, Рама вели дека ЕУ заборавила која е и зошто постои, посакувајќи ѝ брзо опоравување.
„Ако Албанија е тинејџер, Брисел страда од некаква амнезија за тоа кои се и која е причината за нивното постоење. Тие се најголемата сила за добро што човештвото ја создало и се надевам дека брзо ќе се опорават, бидејќи без нив светот е многу полошо место“, порачува Рама без влакна на јазикот.
„Протечените“ Нон-пејпери за прекројување на границите на Балканот, кои предлагаат соединување на Косово со Албанија, Рама ги оценува како „недостаток од визија“.
„Покажуваат слабост одвнатре, недостаток на кохезивна визија околу проширувањето и недостаток на стабилен процес за имплементација“, вели албанскиот премиер.