Филипче: Сѐ уште е рано за неносење маски на отворено

Бележиме тренд на намалување на бројот на новозаразени, но и сериозно празнење на болниците, со слободни повеќе од половина од капацитетите. Сето тоа дава за право да се намалат рестрикциите, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, најавувајќи го новиот бран ублажување на мерките, кое ќе стапи на сила од среда.

Сепак, сѐ уште е рано за укинување на мерката за носење маски на отворено, рече министерот, и покрај тоа што, како што самиот посочи, се забележува дека поради затоплувањето на времето сѐ повеќе граѓани не ги носат маските. Ова бил утринава заклучокот на разговорот со Комисијата за заразни болести, која се согласила со дискусијата на тема маски на отворено да се почека уште недела или две.

За Филипче, меѓутоа, нема дилема дека доколку продолжат опаѓачките трендови на новозаразени и хоспитализирани, а паралелно продолжи со вакво добро темпо да расте бројот на вакцинирани, укинувањето на оваа мерка, односно враќање на мерката маска надвор да се носи само кога граѓаните се во група, е следниот чекор во намалувањето на рестрикциите.

Сличен заклучок – дека е сѐ уште рано да бидат дозволени, Комисијата за заразни болести имала и по прашањето за свадбите и концертите. Експертите стравуваат дека луѓето нема да ја одржуваат потребната дистанца и да ги почитуваат мерките, па затоа ќе се оди постепено. Доколку продолжат трендовите на намалување, ќе бидат дозволени и ваквите настани.

Според министерот за здравство, досега во државава се вакцинирани околу 110.000, а се ревакцинирани околу 23.000 граѓани.

- Реклама -