Разрешувањето на директорот на Државниот пазарен инспекторат – Стојко Пауновски, ќе биде точка на утрешната владина седница, а премиерот Зоран Заев засега останува на одлуката дека „пркосот“ на Пауновски бил недозволив. Она што го најавил, рече денеска Заев, ќе го потврди на седницата на Владата, која ќе се одржи по средбата што ќе ја има со инспекторите од ДПИ, кои ќе му врачат петиција и аргументи со кои се надеваат дека ќе го премислат.
Според Заев, Пауновски не само што го крши Етичкиот кодекс, туку и не направил напор да разговара со премиерот или вицепремиерите, односно не се потрудил да побара решение Иако директорот на ДПИ со дописи бил информиран за систематизацијата, вклучително и во врска со оправданоста и начинот на распределбата, неговата последна комуникација со премиерот или вицепремиерите се случила по писмен пат уште во јануари, тврди Заев. Во меѓувреме, Пауновски не го прилагодил актот, што е негова обврска, истакна премиерот.
Според Заев, при изготвување на планот за прераспределба на „рамковните“ административци, во предвид било земено и образованието. Според образовниот профил, тврди премиерот, 24 од вработените кои треба да бидат превземени, ги исполнуваат условите и можат да бидат административни службеници во пазарниот инспекторат.
„Со процесот на распределбата се решава децениски проблем. А превземањето на вработените нема импликации за буџетот, затоа што станува збор за лица кои земаат плата а не одат на работа. Станува збор за законска обрска, за закон кој е донесен во декември 2020 година. Ова е обврска за сите што се дел од институциите, особено за носителите на одговорните функции“, рече Заев.
Сепак, и покрај неговата желба „да се почитува законот за хиерархијата и етичкиот однос и поставеност спрема претпоставените“, како што самиот рече, премиерот не ја исклучи можноста да се премисли по утрешната средба со инспекторите кои не сакаат Пауновски да биде разрешен.
„Сум бил цврст и толерантен и ќе ги слушнеме сите аргументи според кои ќе се донесе одлуката, но јас сум сврст на ставот што го кажав за негово разрешување. Состанокот е да се слушнат нивните аргументи. Јасно ги знам прописите, правилата и етичкото постапување и јасно знам каде сака оваа Влада да стигне во својата поставеност, но секако не се сметаме за најпаметни и најинформирани“, рече премиерот.