Србија денеска го сруши сопствениот рекорд по број на вакцинирани во еден ден. Веста ја соопшти (кој друг ако не) претседателот на Србија – Александар Вучиќ.
Како што информираше тој, денеска се вакцинирале преку 75 илјади. Со таква бројка, пропорционална на бројот на население, не можат да се пофалат ни најразвиените земји во Европа и светот, истакна Вучиќ во видео обраќање преку социјалните мрежи.
Како што посочи, целта на Србија е до крајот на мај да има повеќе од 2.8 милиони вакцинирани граѓани, од кои 2.2 милиони да бидат ревакцинирани. До крајот на јуни, Вучиќ очекува да има 3 милиони вакцинирани и ревакцинирани.
Тој им заблагодари на граѓаните ширум Србија, од сите села и градови, кои донеле одлука да се вакцинираат и со тоа се заштитиле себе си, како и своите најблиски и сите други со кои имаат контакт.
„Здравјето на нашите граѓани е најважно и затоа ви благодарам на одговорноста, а нам ни преостанува тешка битка и тешка борба за нови вакцини“, порача Вучиќ.
View this post on Instagram