Заев: За глобалниот недостаток на вакцини ли да дадам оставка? Не ми паѓа на памет

„Целосно разбирам опозициона настроеност на одреден медиум, тоа е вашиот медиум. Јас тоа го почитувам сосема. Но, давајќи одговори на вашите инсистирања на прашања, сме кажале сѐ што имаме како информација без да додаваме и без да одземаме. И таа информација во тој момент била токму таа. Наша должност е да бидеме транспарентни, без разлика за скриената умисла за одредено друго прашање. И сме ја дале изјавата, давајќи точен одговор на она што го имаме“, одговори денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање од ТВ „Алфа“ за тоа дали од денешна перспектива, „кога имаме само руски вакцини и просек од 50 починати на ден“, чувствува некаква одговорност за изјавата од 19 февруари, кога рече дека владата не нарачала руска вакцина затоа што веќе и повеќе од доволно нарачала од другите.

„Знаат сите, знаат и вашите гледачи, дека недостатокот на производството на вакцините предизвикува проблем и во Германија, и во САД, и во Кина, и во Русија, и насекаде во светот. Предизвикува проблем со рефлексии што се јавуваат и кај нас. И затоа денеска кажуваме ‘во текот на април’ (во однос на тоа кога ќе пристигнат нови вакцини, н.з.), иако, на пример, од Европската унија првите количини ги очекуваме до 15 април, ама викаме ‘до крајот на април’ затоа што не зависи од нас. И заради тоа да понесеме одговорност? Не ни паѓа на памет.

Имаме работа, треба да работиме, да водиме грижа за граѓаните, за болните, за да излечиме повеќе наши сограѓани, да се фокусираме системот да функционира, да имаме вака позитивни реакции коишто денеска ги гледаме од системот на вакцинација, да го јакнеме, да го засилуваме ваквиот систем, заради тоа што едно е јасно – дека со вакцината можеме да ја победиме пандемијата, а истовремено да бидеме и добар и ефикасен сервис на граѓаните. Така да, не, не ми паѓа на памет оставка да давам, ниту пак да барам оставка од најекспонираниот министер во моментов, а тоа е министерот за здравство, којшто работи, заедно со целиот здравствен персонал во државата, максимално посветено за доброто здравје на нашиот народ“, додаде премиерот.

- Реклама -