Клиничката болница „Жан Митрев“ ги намали цените за лекување на болни од Ковид-19, ова се новите

Почнувајќи од денеска, 8 април 2021 година, Клиничката болница „Жан Митрев“ ќе овозможува пакети за лекување на Ковид-19. Како што велат од клиниката, одлуката е донесена согласно состанокот со министерот за здравство Венко Филипче, а со цел да им се излезе во пресрет на што поголем број граѓани.

Имено, досега, пациентите плаќаа 12.000 евра, а отсега цените се следните:

• за пациенти кои ќе се лекуваат на полуинтензивна нега, лечење во треање до 10 дена ќе чини 6000 евра

• за пациентите на кои им е потребно интензивно лекување, односно се преземени во сериозна здравствена состојба од други институции каде биле претходно хоспитализирани, цената за максимум 10-дневно лекување ќе изнесува 8000 евра.

• една хемофилтрација претходно чинеше 4000 евра, сега со намалување од 10%, ќе чини 3600 евра. Оваа метода на лекување, се применува по согласност од страна на семејството на пациентот.

„Имајќи ги предвид можните сериозни постковид последици т.е можните компликации по прележана инфекција од вирусот, за сите пациенти кои се лекувале во нашиот КОВИД центар одобруваме 50% намалување на цената на услугите за МР на срце и КТ на белите дробови“, додаваат од клиниката.

Од „Жан Митрев“ уште еднаш посочуваат дека нивните капацитети се во континуитет полни и има и листа на чекање. Во моментов се хоспитализирани околу 100 тешко болни пациенти, од кои 40 на респираторна поддршка. За негата на овие пациенти се грижи комплетниот лекарски тим кој како и сите здравствени работници во државава е веќе преморен. Во процесот на нега во болницата се вклучени и дел волонтери од немедицинскиот персонал, со цел да им помогнат на своите колеги, велат од клиниката.

„Сепак, за да помогнеме секаде каде што е потребно и можеме, еден од нашите лекари ќе биде прераспределен согласно барањата на Министерот за здравство“, информираат тие, истовремено испраќајќи апел за нови волонтери:

„Оваа прилика ја користиме за да апелираме до пошироката јавност и да ги повикаме сите оние кои се чувствуваат способни да помогнат и би сакале да волонтираат, да се пријават. Ќе бидат соодветно едуцирани и вклучени во нашите процеси“.

Клиниката и д-р Жан Митрев изразуваат и надеж дека наскоро ќе ѝ дојде крај на пандемијата. Во меѓувреме, порачуваат, потребно е сите да останеме максимално дисциплинирани, посветени и да се вложиме како поединци во справувањето со последиците за доброто на сите.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, ја поздрави одлуката на клиниката „Жан Митрев“:

„Драго ми е што мојата иницијатива за намалување на цените на овие услуги во приватните установи вродува со плод. Се надевам дека и другите ќе го следат овој пример“, порача тој на Фејсбук.

- Реклама -