Утре нов протест за пресудите во „Монструм“: „Илирида има мажи“ – порачува братот на Ел Чека

Утре (02 април 2021, петок), со почеток од 13.30 часот, најавен е протест, кој ќе започне од паркот во Чаир, а ќе продолжи до зградата на Владата на Република Северна Македонија, информира МВР.

Од тие причини, СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, па од 13.30 часот до завршување на протестот етапно ќе бидат затворени за сообраќај следните улици: делови од улиците „Христијан Тодоровски Карпош“, „Џон Кенеди“, „Цветан Димов“, како и бул.„Крсте Мисирков“, бул.„Гоце Делчев“, дел од ул.„Филип Втори’, дел од булеварите „Илинден“, „ВМРО“ и „Климент Охридски“.

СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници, а заради заштита на новинарските екипи кои ќе го следат протестот, потребно е истите своите акредитации да ги носат на видливо место.

Утрешниот собир беше најавен уште минатата недела, како од Бедри Ајдари, роднина на дел од осудените во „Монструм“, кој ги предводеше и досегашните протести, така и од Блерим Ахмеди, братот на „Ел Чека“, кој беше пријавен како организатор на протестот што наводно требаше да се одржи а не се случи минатиот петок. Ахмеди тогаш дури влезе и во вербална „војна“ со Министерството за внатрешни работи, обвинувајќи дека соопштението на МВР била планирана лажна вест за да се дезориентираат граѓаните.

Блерим Ахмеди

„Од оваа пропаганда на моќта очигледно е дека се плашат од протести!“, напиша тогаш Ахмеди, иако самиот тој, за „Слободен печат“, изјави дека протестот го одложиле поради посетата на високи делегации (командантот на Здружените сили на НАТО за Европа – адмирал Роберт Бурк, кој ја посети Македонија по повод годишнината од членството во НАТО). Притоа, и од МВР потврдија дека тој уредно го пријавил протестот за минатиот петок и ги демантираа неговите обвинувања.

Утрешниот протест, Ахмеди денеска уште еднаш го потврди преку Фејсбук.

„Стоењето мирно кога треба да се протестира покажува дека овие луѓе се кукавици. Машкоста и храброста се покажуваат преку приклучување на толпата што бара правда.

Илирида има мажи.  🇦🇱💪 Утре во 14 часот се гледаме во паркот Чаир и продолжуваме да маршираме за правда до Владата која ги репресира Албанците“, порачува тој.

Претходно, тој порача дека причините за протест се зголемуваат со тоа што се одложува пописот.

„Владејачките албански политички партии јавно нѐ продаваат на Словените. Ние не сме луѓе кои можат да бидат продадени од предавниците кои со гласови на Албанците седат во скутот на славомакедонските партии. Албанците имаат достоинство и секогаш им покажувале каде им е местото на предавниците“, пишува Ахмеди. Неговиот Фејсбук профил е полн со објави од ваков тип.

- Реклама -