Ајдари не знае кој го организира денешниот протест за „Монструм“, тој и роднините ќе протестираат идниот петок

Денеска, со почеток од 13.30 часот, почнувајќи од паркот во Чаир, ќе започне протест кој ќе продолжи кон зградата на Владата на Република Северна Македонија, информираше вчера МВР, соопштувајќи дека од тие причини, затворени за сообраќај ќе бидат повеќе улици, и тоа: „Христијан Тодоровски Карпош“, „Џон Кенеди“, „Цветан Димов“, „Крсте Мисирков“ и бул.„Гоце Делчев“.

Вака досега беа најавувани претходните протести против пресудите во случајот „Монструм“, од кои еден се случи по завршните зборови на обвинителката Фатиме Фетаи, која побара најстрога казна, а вториот пред четири недели, откако судот изрече три доживотни и две затворски казни од 15 и 9 години). И двата беа организирани од „роднините на обвинетите/осудените“, предводени од Бедри Ајдари.

Не е јасно, меѓутоа, кој стои зад денешниот протест. Во изјава за „Слободен печат“, Ајдари се дистанцира од она што денес ќе се случува. Тој вели дека не е организатор и не знае кој е организаторот.

„Не, не, јас не сум организатор на денешните протести. Не знам кој ги организира. Јас не сум организатор на денешните протести, но можно е некој да ги преставил во име на сите случаи, па може да има некаква конфузија“, изјави Ајдари, најавувајќи дека тие, против пресудите во „Монструм“, ќе протестираат следниот петок, на 2 април.

Досегашните протести за „Монструм“ секогаш завршуваа со инциденти. Последниот, пред четири недели, резултираше со 11 повредени полицајци и еден потешко повреден новинар и 7 обвинети од кои тројца ја признаа вината и добија по 1 година затвор. Меѓутоа, пред четири недели евидентно беше и присуството на лица во бели маици, дел од организацијата на протестот, кои ги смируваа оние што иницираа инциденти или удираа и фрлаа по полицијата. Сепак, група насилни лица продолжи да протестира и да ги мери силите со полицијата дури и откако Ајдари официјално го прогласи протестот за завршен и најголемиот дел од демонстрантите си заминаа. Со оглед дека Ајдари овојпат не е организатор, добива на тежина прашањето во каква атмосфера ќе помине денешниот протест.

 

- Реклама -