Не се случи протестот за „Монструм“, организаторот не се појави во паркот во Чаир

Иако беше најавен, не се случи денешниот протест против пресудите во случајот „Монструм“. Како што објави „Слободен печат“, организаторот – Блерим Ахмети (брат на контроверзниот „Ел Чека“, кој објавуваше „бомби“ против ДУИ), не се појавил на протестот.

Откако Бедри Ајдари – роднина на дел од осудените во „Монструм“ и организатор на досегашните протести, се дистанцираше од денешниот настан, од МВР потврдија дека организатор е Блерим Ахмети. Тој, пак, во телефонски разговор со „Слободен печат“, вели дека протестот го одложил поради најавите од Владата за престој на делегации. Имено, покрај најавите за посебен сообраќаен режим поради најавениот протест, МВР вчера информираше и дека деновиве (почнувајќи од вчера, па до сабота, односно од 25 до 27 март) има посебен сообраќаен режим и поради официјалната посета на командантот на Здружените сили на НАТО за Европа – адмирал Роберт Бурк.

Протест за пресудите во „Монструм“, сепак, ќе има веќе следниот петок, на 2 април, но во организација на роднините на осудените, предводени од Ајдари.

- Реклама -