Путин го предизвика Бајден на дискусија во живо, пред очите на целиот свет, како одговор на тоа што го нарече „убиец“

Рускиот претседател Владимир Путин, како одговор на тоа што неговиот американски „колега“ – Џо Бајден, го нарече „убиец“, го предизвика претседателот на САД на ТВ дебата што ќе се одвива во живо, онлајн, што е можно поскоро.

„Само што ми текна на ова. Сакам да му предложам на претседателот Бајден да ја продолжиме нашата дискусија, но под услов тоа да го направиме ‘лајв’, како што велат. Без никакво доцнење, директно во етерот, директна дискусија. Ми се чини дека тоа би било интересно за луѓето од Русија и луѓето од САД, но и за многу други земји во светот“, изјави Путин за државна руска телевизија.

„Не сакам тоа да се одложува предолго. Викендов сакам да одам во тајгата малку да се релаксирам. Така што можеме да го направиме утре или во понеделник. Ние сме подготвени кога и да ѝ одговара на американската страна“, додаде рускиот претседател.

Претходно, прашан за изјавата на Бајден, Путин посочи на детска игра што се игра во Русија, а која во суштина ја носи пораката дека тоа што сме самите – тоа го гледаме во другите. Со тоа алудираше дека Бајден и Американците самите се убијци, додавајќи дека ставовите на Бајден се поврзани со масакрите врз домородните Американци и ропството.

Прочитајте и:  Меркел: Ако Украина зачекореше кон НАТО во 2008, војната ќе започнеше тогаш и немаше да биде подготвена

За разлика од Путин, официјална Русија остро реагираше на изјавата на Бајден и веднаш го повика рускиот амбасадор од САД на консултации.

Во интервјуто за ABC, Бајден беше прашан дали мисли дека Путин е „убиец“. „Мхм, да, мислам“, одговори американскиот претседател. Во меѓувреме тој останува зад кажаното.

Прашан за понудата од Путин, пак, прес-секретарот на Белата Куќа – Џен Псаки, одговори дека мали се шансите да тоа да се случи, посочувајќи дека Бајден треба да патува за Џорџија и е зафатен, но додавајќи и дека веќе неодамна зборувал со Путин и дека има и други светски лидери со кои треба да разговара.

 

 

- Реклама -