Граѓани со петиција бараат Гарванлиев да не нѐ претставува на Евровизија

„Поради серијата скандали, Васил Гарванлиев е национален срам! Ајде да му покажеме каде му е местото“, пишува во краткото образложение на онлајн петицијата што граѓани ја покренаа против македонскиот претставник на овогодинешниот Евросонг – Васил Гарванлиев.

Лани евровизискиот сон на Васил се сруши поради пандемијата на ковид-19, а овојпат почна да наликува на кошмар кога беше објавен видео-спотот за песната „Here I Stand“, со која треба да нѐ претставува на овогодинешниот Евросонг, кога граѓани бурно реагираа што едно од уметничките дела (пре)многу потсетуваше на бугарско знаме.

Васил, првично, не изгледаше премногу загрижен, па во изјави за низа медиуми, во однос на оние што го критикуваат, порача „нека ги“, притоа низ насмевка уверувајќи дека во песната и целиот проект нема ништо политичко. Меѓутоа, тоа дополнително ги налути налутените, а Васил особено го смени пристапот кога дел од граѓаните и медиумите (вклучително и ние) посочија дека во оригиналното дело на уметницата Жанета Вангели распоредот на боите е поинаков од тој во спотот и не наликува на бугарско знаме. Набрзо, пејачот ја извести јавноста дека спотот ќе биде реобјавен без спорните кадри.

Во меѓувреме се смени и образложението на Националната галерија во однос на тоа како се случило да дојде до замена на панелите на самото уметничко дело токму во моментот кога се снимал спотот на Васил:

Во изјава за „Канал 5“, во петокот (кога „скандалот“ стана актуелен, ден по објавување на видео спотот), тие објаснуваа дека се работи за триптих (уметничко дело во три секции, од три дела, односно три уметнички дела кои претставуваат една целина) и дека боите од време на време ја менуваат положбата, односно редоследот. Дури посочија и дека ако сте ја посетеле галеријата во петокот, панелите повторно ќе сте ги нашле во поинаков редослед.

Во саботата, пак, во изјава за „Фокус“, од Националната галерија рекоа дека дошло до ненамерна грешка која се случила при варосување во објектот Даут Пашин Амам уште пред околу пет години, при што панелите што го сочинуваат делото (омаж на Андреј Рубљов) на Вангели ненамерно била прикачени со погрешен редослед. Тие потенцираа и дека грешката е исправена веднаш по укажувањето, а авторката имала разбирање за ненамерниот пропуст. Згора на тоа, соопштија и дека веќе е поведена дисциплинска постапка, па дури и ѝ се извинија на македонската јавност, со порака дека „Уметноста треба да спојува, а не да раздвојува“.

Скандалот не запре тука. Викендов капак беше исечокот од интервју кое датира од пред повеќе од една година, а во кое Васил прилично гордо открива дека има бугарски пасош, и тоа со не баш најдобар избор на зборови:

„Далечен роднина на баба ми беше роден… Струмица е многу блиску до бугарската граница, така што јас сум на таа страна од земјата“, одговара тој на прашањето како добил бугарски пасош.

Денеска, во видео обраќање, Васил објасни дека баба му, мајка на татко му, е родена близу Петрич и дека бугарскиот пасош тој го има повеќе од 20 години. Сепак, потенцира дека најгорд е што во неговата биографија секаде низ светот пишува дека е „македонски баритон“ и дека со нетрпение чека да ги претставува боите на земјава на Евровизиската сцена во Ротердам.

Но, попусто. Штетата е веќе направена. Додека го пишувавме текстов, бројот на потписници на петицијата порасна од околу 5.100 на над 6.800 граѓани, на кои главното образложение им е дека Васил не заслужува да ја претставува Македонија.

Од друга страна, во Бугарија си играат мајтап со Македонците. Прво ни се исмеваа на паранојата што во уметничко дело гледаме бугарско знаме, а потоа ликуваа дека на Евровизија ќе нѐ претставува Бугарин. Се разбира, паралелно ги искористија критиките кон Васил како доказ за „нееднаквиот третман кон Бугарите“ во земјава. Европратеникот Ковачев, на пример, побрза на Васил да му ја честита храброста.

Во меѓувреме, крајната одлука ја има МРТ. Во изјава за „Канал 5“, координаторот на Македонската делегација – Мери Попова, вели дека МРТ не смее да се меша во нечиј приватен живот и по однос на двојното државјанство или пасош на друга држава, ЕБУ нема рестрикции и е законски дозволено. Засега тие остануваат на ставот Гарванлиев да нѐ претставува во Ротердам.

Инаку, Васил беше дел од победничкиот тим на Тамара кој ни го донесе најдобриот Евровизиски пласман досега. Тогаш, иако во малку поинакви политички околности, тој се радуваше под боите на македонското, а не на бугарското знаме.

- Реклама -