Васил има бугарски пасош повеќе од 20 години, но со душа чека да вибрира во црвено-жолтата боја на Евровизија

„Јас сум Васил Гарванлиев, роден во Струмица, Македонија, во 1984 година. Во ’97-ма, мојата фамилија одлучи да се преселиме заедно во Чикаго, каде што живеевме неколку години. Нѐ депортираа од Чикаго и кога се вративме, јас бев малолетен, фамилијата одлучи да направи неколку чекори за безбедност и за иднина за сите нас. Мојата баба, мајка на татко ми, е родена во село Игралиште надвор од Петрич, кое ни овозможи да добиеме бугарски пасоши, кој го имам веќе 20-тина години. Закон е дека во нашата држава Македонија двојно државјанство е дозволено“, објаснува нашиот евровизиски претставник во видео обраќањето кое денеска го објави на Фејсбук, а по повод реакциите како за бугарските бои во спотот за песната, така и за интервјуто кое деновиве стана актуелно на социјалните мрежи, за кое вели дека е старо повеќе од една година.

Гарванлиев објаснува дека живеел и застанал на светските сцени во низа европски и американски престолнини, како Торонто, Чикаго, Милано, Лондон, Париз, Амстердам, Цирих, Њујорк… Сепак, вели, за него е најважно и најмногу е горд на тоа што во првата реченица од неговата биографија, пишува:

„Македонскиот баритон Васил Гарванлиев ја започна својата кариера на 7 години во својата родена земја“.

Вели дека честа да се биде претставник на Евровизија е огромна и со душа чека да ги претставува боите на земјава:

„Честа, желбата, одговорноста, да бидеш претставник на олимпијадата за пеење Евровизија, е огромна. Ја прифатив со отворено срце, зошто знам каква е таа одговорност и знам што можам. И со душа чекам да застанам на таа сцена и искрено да вибрирам во црвено-жолта боја“.

Како што објаснува Васил во видеото, поради критиките од минатата година дека во спотот нема доволно Македонија, оваа година се обидел, и е посебно горд на тоа, да вклучи што повеќе Македонци во проектот. Токму затоа спотот се снимал во Даут-пашиниот амам, со цел да се прикажат сите тие дела на македонските уметници.

Гарванлиев потенцира дека во моментот „кога дознал дека луѓе се погодени и грешка е сфатено тоа дело во музејот“, веднаш преземал чекор и побарал спотот да се реобјави без „тие“ кадри. Во обраќањето, сепак, тој се извинува ако некој повредил со она што, како што вели, ненамерно го направил, но исто така порача и дека нема да се извини за тоа кој е, како и дека критиките ќе го направат посилен.

„Во музика нема политика, нема раса, нема боја. Има љубов, има човештво, има енергија. Ако некој е повреден од тоа што јас го направив ненамерно, многу случајно, јас се извинувам од сѐ срце. Не се извинувам за тоа што сум јас, но ако имам повредено некој, кои и да сте, прости ми.

За крај, ве оставам со превод на рефренот на нашата македонска песна годинава:

‘Сите ќе пробаат да те скршат и соборат, без да знаат дека тоа те прави посилен да го постигнеш и продолжиш на патот на успехот. Еве ме пред вас, без глума, со срушени ѕидови на моето срце во вашите раце. Ви благодарам’ “, порача нашиот евровизиски претставник.

- Реклама -