Крмов: Ако незаконски ни ја одземат опцијата за филибастеринг, Левица десеткратно ќе им врати кога ќе биде на власт

Предложениот закон за лични карти, според кој во документот ќе стои и етничката припадност, нема да помине, категоричен е пратеникот на Левица – Борислав Крмов. Во вчерашното гостување во „24 анализа“ на „ТВ24“, тој повтори дека тој и сопартиецот Апасиев се подготвени, преку филибастеринг, и со години да го блокираат законот за целосно да го спречат неговото донесување. Притоа, Крмов потсети на блокадата од страна на ДУИ при носењето на Законот за бранители.

Освен тоа, пратеникот на Левица и го предупреди владејачкото мнозинство да не помислува да им го одземе тоа право:

„Овој закон нема да помине. А, ако се дрзнат да го пуштат со европско знаменце, значи правејќи ги тие преседани, или да ни ги фрлат амандманите во корпа – како со Законот за јазици, ние јавно кажуваме дека со вакви преседани, утре Левица од позиција на власт не знам зошто воопшто би прифатила некој амандман од вас. Ако вие ја одземете незаконски опцијата за филибастеринг, ние десеткратно ќе ви ја одземеме од позиција на власт. Затоа внимавајте што правите”, порача тој.

Прочитајте и:  Левица: Премиерот Мицкоски и министерот Тошковски го изгубија судскиот спор со Левица

Според него, има многу пречки, а ниту еден аргумент за донесување на законот, односно воведување на етничката припадност во личната карта. Ниту една европска држава нема такво законско решение и ниту една студија, тврди тој, не потврдила дека тоа довело до позитивни резултати.

За Крмов не е аргумент ниту тоа дека сме мултиетничко општество. „Сите општества се мултиетнички, проблемот е што само кај нас етничкиот идентитет се става на пиедестал“, вели тој. Според него, албанските партии создаваат раздор не меѓу Албанците и македонците, туку меѓу Албанците и сите други. „Значи, го одделуваат албанскиот етнос од македонската нација и потоа тоа оделување го институционализираат“, заклучува пратеникот.

- Реклама -