Власта намерно доцни со вакцинирањето за корона кризата да трае што подолго, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски. На власта тоа ѝ одговара за да може „да лови во матно“, но и за да не ѝ се случи народ, тврди тој.
„Не само дали се доцни, туку и колку се доцни со вакцинирањето. За жал, Македонија е последна држава во Европа која што почнува со вакцинација, со една многу мала скромна бројка која што беше донирана од Србија. И треба да знаат граѓаните дека денеска ќе почне имунизацијата и за два-три дена ќе заврши. Затоа што со овие 4 илјади дози ќе се вакцинираат 2000 луѓе и ќе заврши тука работата. А треба да се вакцинира некаде околу 60-70 проценти од населението, доколку сакаме Македонија да се заштити од корона вирусот. До овој момент, да имавме одговорна власт, а ја немаме, требаше Македонија да има откупено 2 милиони вакцини и милион луѓе да се вакцинираат. Тоа е она што би го направила одговорна Влада, но неодговорна Влада го прави ова што го прави“, рече Николоски при посетата на компанија ФЈ “Инжинеринг” во Тетово.
Тој и јавно ја праша власта дали намерно не набавуваат вакцини:
„Еве јавно да прашам и да фрлам ракавица до власта: Дали причината поради која не набавуваат вакцини е тоа што сакаат кризата да трае што подолго? Затоа што колку подолго трае кризата и овие рестрикции, толку подобро за власта, не може народот да излезе на улици и да протестира против оваа власт и да ја собори. Дали власта намерно не купува вакцини со цел кризата да трае подолго и да можат да ловат во матно?“, прашува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.