Крмов и Левица: Етничка припадност во личните карти води кон разбивање на македонската нација

Амандманите на Левица кон Предлог-законот на БЕСА, со кој би се вовела графа „етничка припадност“ во личните карти, не се суштински, туку се наменски – „признава“ пратеникот Борислав Крмов во изјава за „Канал 5“. Тој потврдува дека очигледната цел е филибастеринг, односно блокирање на процесот, на што Левица се решила бидејќи ниту една друга партија не се спротивставила на измените.

Како што објасни Крмов, ваквиот потег е базиран на повеќе аргументи, вклучително и од меѓународната пракса, но во наш овдешен контекст, во крајна линија, вели, воведувањето на етничката припадност во личните карти води кон разбивање на македонската нација:

„Ова само ќе ја засили сегрегацијата меѓу населението, меѓу етникумите внатре во државата и, што е најстрашно, ова е еден од инструментите кои водат кон сведување на Република Македонија на обична територија составена од етникуми. Значи ние ја разбиваме македонската нација. Така што, ние одлучивме дека на тоа мора да му застанеме на патот“, вели тој.

Како што истакна, Левица бара повлекување на законот бидејќи не постои простор истиот да биде поправен со било кој амандман, особено не со амандманот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ. Ако законот не се повлече, тој и Апасиев, како пратеници на Левица, се подготвени да ги бранат нивните амандмани на сите претстојни седници, вели, па ако треба и со години. Притоа, нема да се согласат на никаков компромис.

„Кога ќе земете од Рамковниот договор наваму, во комбинација со одредбите од Преспанскиот договор, со Законот за јазици и овој предлог, ние ја растураме македонската нација. Значи ние треба да се сведеме на ниво на Босна – администрирана територија, внатре поделена во етникуми, без државоносечки елемент, без национален елемент. Тоа е недозволиво и недопустливо“, категоричен е Крмов.

Според него, зад предлогот за воведување на етничката припадност во личните карти постојат два политички договора – едниот меѓу СДСМ и БЕСА, а другиот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и двете албански опозициски партии Алијанса за Албанците и Алтернатива. Непостоечкиот отпор од страна на ВМРО-ДПМНЕ тој го припишува токму на преговорите на најголемата опозициска партија за идна коалиција со опозициските партии од албанскиот блок, кои исто така го поддржуваат предлог-законот.

„Што значи, ние мислиме дека двете големи партии всушност одработуваат за албанските партии. Сметам дека големите партии не се свесни кон каде води процесот, или ако се свесни едноставно не им е гајле. Јас воопшто не гледам некаква ургентност или загриженост, ние гледаме дека се работи само ден за ден, да преживее владата. А од другата страна имаме еден очај да се дојде до албански партнер за понатамошно коалицирање, па макар и со прифаќање на вакви антидржавни закони“, истакна пратеникот на Левица.

- Реклама -