Мицкоски не гледа апсолутно никаков проблем во личната карта да стои и етничката припадност

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, не гледа никаков проблем во личната карта да стои и етничката припадност, како што предлага БЕСА, што всушност беше договорено уште во јануари 2019, кога гласовите на пратениците на БЕСА беа потребни за двотретинско мнозинство за изгласување на уставните измени кои произлегоа од Преспанскиот договор со Грција.

„Јас навистина не гледам проблем во тоа да стои во личната карта дека сум Македонец. Апсолутно не гледам причина“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, тоа се обидуваат да го спречат одредени парламентарни партии „кои што од страна му служат на Зоран Заев“:

„Јас навистина не гледам зошто во мојата лична карта да не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец. А, некој тоа сака да го спречи. Зошто сака тоа да го спречи? Затоа што им пречеше македонскиот јазик, им пречеше Македонија, им пречеше АСНОМ, и што уште веќе не им пречи. Но, не им пречи да крадат и да пљачкаат од сопствениот народ“, истакна Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Освен што не гледа ништо спорно, тој инсистира во графата националност да стои етничката припадност и смета дека опструирањето и филибастерингот на предложените измени се сосема беспотребни:

„Зошто да му слугуваме на Зоран Заев кој што има договор политички со БЕСА и сега бара преку некои странични други парламентарни партии, кои што самиот кажа дека им обезбедувал ресурси и логистика пред избори да нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ, сега да нанесат штета на македонскиот народ? Зошто тоа што Зоран Заев го избриша со тој насилен договор кој што го донесе во Преспа, денеска ние да не го вратиме во Парламентот и во мојата лична карта да стои мојата националност и мојата етничка припадност дека сум Македонец? Што има тука спорно, меѓу вас претпоставувам дека има и луѓе од различни етнички припадности. Зошто тоа што го избриша Зоран Заев по насилен пад да не биде вратено назад во личните карти? Не гледам пречка во тоа“, рече Мицкоски.

- Реклама -