Заев: Сите да се олабават околу пописот, резултатите нема да влијаат на стекнатите права, Уставот или законите

Сите кои се загрижени околу претстојниот попис треба „да се олабават“, порача премиерот Зоран Заев, прашан за изјавата на пратеникот Арбр Адеми од ДУИ дека нема да ги признае резултатите ако Албанците бидат под 20%. Премиерот смирува дека какви и да се резултатите, тие нема да имаат никаква улога врз веќе стекнатите права. Тој е категоричен дека пописот ќе биде само статистичка операција и дека стекнатите права на помалубројните народи не може никој да ги оспорува и назадува; тие можат да бидат само унапредувани.

Од друга страна, процентуалната етничка застапеност може да варира како последица на миграциите во денешниот свет кој е глобално село, како последица на заминување и враќање на граѓаните во државата поради професионални ангажмани и слично, додаде Заев, потенцирајќи дека ваквите осцилации не треба и нема да влијаат на актуелните стекнати права, Уставот и законите.

„Пописот е само статистичка операција која е повеќе за административни потреби и планирање и зад нејзиното спроведување и зад резултатите стојат СДСМ, ДУИ и останатите партии во владејачката коалиција“, рече премиерот.

Дека резултатите од пописот нема да влијаат врз етничките права и состојби, Заев посочи и во неколку претходни прилики. Иста порака во неколку наврати испрати и претседателот Стево Пендаровски, кога потенцираше дека процентите се неважни, макар и (теоретски) да биле 3 или 5%.

„Мојата политичка декларација ќе биде, а ќе ја побарам и од другите политички партии на власт и опозиција… и да си 3% и да си 5%, не ги гледај како бројка. Тие пpaва ги имаш и можеме да зборуваме само за подобрување на состојбата и на статусот, и твој и мој“, изјави, на пример, Пендаровски во емисијата „200“ на ТВ „Алсат“ уште во декември 2019-та.

Тогаш, патем, претседателот ги коментираше и шпекулациите дека процентот на Албанците е паднат под 20%:

„Тврдењата дека процентот на Албанците во државава е паднат под 20% се само приказни кои поаѓаат од тезата дека сѐ уште имаме 2 милиони население“, рече тој.

 

- Реклама -