Филипче: Деталите за вакцините од Србија ќе бидат договорени наредните денови

Деталите околу постапката за испорака на вакцините, со министерот за здравство на Србија – Златибор Лончар, ќе бидат договорени во наредните денови, информираше министерот за здравство Венко Филипче, откако денеска премиерот Зоран Заев соопшти дека во директен разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ договорено е Србија да ни отстапи 8.000 вакцини против ковид-19 од својата набавка од „Фајзер“.

„Симбол на оваа здравствена криза е солидарноста, Министерството за здравство изразува благодарност до Република Србија и српскиот народ за овој пријателски чин“, порачаа Филипче и МЗ.

Од таму потсетуваат и дека во финална фаза е процесот на директна набавка од „Фајзер“ за Македонија, при што според договорената динамика во февруари преку Фајзер ќе пристигнат 5.850 дози од вакцината, а по 17.500 дози во март и април.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

„Нашиот здравствен систем е целосно подготвен за вакцинација. Клиниката за трансфузиологија отстапи 2 фрижидери на -80 степени за чување на вакцината на Фајзер, а во земјава викендов стигнаа уште два фрижидери на -80 степени. До крајот на месецот дополнително ќе пристигнат уште три фрижидери за фајзеровата вакцина.

Во месец февруари се очекуваат и вакцините преку КОВАКС механизмот, за коишто е направена уплата и обезбедена гаранција. Вкупната количина на вакцина преку овој механизам за нашата држава изнесува 833.000 дози“, посочуваат од Министерството.

- Реклама -