ВМРО-ДПМНЕ: Со дозата со која се фали Филипче може да го вакцинира само едно Злетово, еве што требаше да направи

„Филипче конечно се ‘пофали’ со информација ‘првата доза од 5850 вакцини против КОВИД – 19 од производителот Фајзер стигнува во февруари’. Прво, информацијата следи со недозволиво доцнење, второ станува збор за многу мала доза на вакцини“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, најавената количина е доволна само за да се вакцинира едно населено место колку Злетово, каде живеат помалку од три илјади жители.

Тие го критикуваат министерот и затоа што, според нив, тој продолжува со некакви полуинформации дека во директни преговори се обезбедени 800.000 дози за цела 2021, без притоа да соопшти детали за тоа кога и колку вакцини ќе стигнат.

„И додека Филипче вели дека динамиката дополнително ќе ја утврдува, регионот и земјите од ЕУ имаат многу јасна слика или детален план“, посочуваат од опозицијата:

„Колку за илустрација еве неколку примери, како е тоа во земјите од соседството и што треба или требаше да направат Филипче и Зоран Заев, наместо да возат мотори.

Грција во првата тура доби 9.750 вакцини, за веднаш следната тура на вакцини од Фајзер да биде 83.850 дози. Ова се дози на вакцини кои стигнаа до крајот на декември 2020 година. Планот на Грција кој го соопштија надлежните, вели 419.250 дози исто од Фајзер до крај на јануари, 333.450 дози до крај на февруари, околу 400 илјади дози во март, за до крај на март бројот достигне до 1.255.800 дози. И ова се вакцини само од Фајзер. Во првиот квартал на 2021 година Грција очекува 240 илјади дози од Модерна. Потоа 500 илјади дози од Астра Зенека до крај на јануари, исто од Астра Зенека 800 илјади дози до крај на февруари, 1.500.000 од истиот производител до крај на март, и 2.200.000 исто од Астра Зенека до крај на април. Дополнително Грција чека вакцини од Санофи, Џонсон и Џонсон и КјурВак.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот на Албанија – Еди Рама, на првиот ден од 2021 година објави дека договорени се 500 илјади дози од Фајзер и даде и детали – 10.750 дози на Фајзер ќе стигнат третата недела од јануари, 30 илјади дози во февруари.

Филипче и Заев наместо да лудуваат со мотори, за што единствено се покажаа способни, да излезат пред граѓаните и да дадат детали за вакцините. Одговорноста пак не им бега, ќе мора да одговараат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -