Борисов: Секогаш сме подготвени да им помогнеме на нашите најблиски соседи и пријатели

Секогаш сме подготвени да им помогнеме на нашите најблиски соседи и пријатели – тоа бил одговорот на бугарскиот премиер Бојко Борисов кога премиерот Зоран Заев му се заблагодарил за подготвеноста на Бугарија да ни донира дел од вакцините што ќе ги набави преку директни договори со производителите.

„Тоа му го реков на премиерот Зоран Заев, кој ни благодари за подготвеноста да им помогнеме со обезбедување на вакцини против Ковид-19. Ситуацијата е навистина тешка и треба да се поддржуваме и да сме солидарни. Секој еден живот е најважен и ќе ги вложиме сите напори да го зачуваме“, порача Борисов на Фејсбук, цитирајќи го постот во кој Заев изразува благодарност.

Како што посочува „Независен“, засега останува нејасно како се случи првите вакцини, ако стигнат, да стигнат од Бугарија, чие политичко раководство сега ќе располага со уште еден пример кога ќе ги набројува добронамерните постапки на Бугарија кон Македонија од нашето осамостојување наваму, и тоа како аргумент дека македонската страна е онаа која настапува непријателски против нашиот најдобронамерен сосед. Како се случи ова, и дали Македонија побарала или Бугарија побрзала со понудата, не објасни ниту портпаролот на Владата – Душко Арсовски, на денешната прес-конференција.

Она што е познато е дека еден од механизмите за набавка со кои земјите од ЕУ располагаат се директни преговори со производителите, при што, како што објасни и министерот за здравство Венко Филипче, имаат можност, покрај одредена количина за нивните граѓани, да набават и одредена количина наменета за земји кои не се членки на ЕУ. Филипче во повеќе наврати потенцира дека понуди имало од Грција и од Полска, а посочи и дека од неодамна се отворила можност механизмот на директни преговори да го користиме и ние и дека во преговорите со Pfizer и AstraZeneca веќе се направени првите чекори.

Накратко, Македонија, покрај директните преговори, можела да добие и побара помош од било која земја. Сепак, во било кој од овие случаи, тоа најверојатно ќе значи дека сама ќе треба да ги плати вакцините, било со свои или со парите од ЕУ наменети за справување со ковид-19. Во случајов со Бугарија, според она што беше најавено, нашата источна соседка ќе донира од своите количини, односно тие вакцини ќе ги плати наместо нас. Борисов вчера потенцираше дека тоа го прават со „најчисто срце“ и без никакви задни намери. Но, доколку не е така, цената на бесплатната донација ќе ја покаже времето, веројатно многу наскоро.

- Реклама -