Вицепремиерот и министер за одбрана на нашата источна соседка – Красимир Каракачанов, продолжува со „европската реторика во духот на пријателството и добрососедството“. Како и досега, Каракачанов продолжува внимателно да ги мери своите зборови, со цел да спакува што е можно повеќе навреди по реченица секогаш кога зборува за Македонија. Од друга страна, тој тоа го смета за „братска добронамерност во буквална смисла“.
„Не можеш да ја касаш раката која те поддржува и која ти е подадена со едно братска добронамерност во буквална смисла. Братско затоа што ние сме еден народ и говориме ист јазик. Што и да ми зборуваат и објаснуваат за идентитетот, кој што бил многу древен, секој нормален човек кој што прочитал повеќе од пет страници историја поврзана со Македонија знае дека таков идентитет – македонски, посебен од бугарскиот, пред 1944-та година не постои“, изјави Каракачанов за бугарските медиуми.
Истовремено, тој го актуелизираше и „проблемот“ со бугарските медиуми во Македонија:
„Бугарски медиуми во Македонија нема. Има српски, има секакви, но бугарски нема. И Скопје продолжува да тврди дека биле нормално, демократско и плуралистичко општество. За 30 години откако Македонија е независна држава, таму не се решил ниту еден бугарски медиум да извади лиценца и да се прошири. По кабловските мрежи нема бугарски телевизии, по киосците нема бугарски весници. И тие тврдат дека го промениле односот кон Бугарија. Вие верувате ли? Јас не им верувам“, рече Каракачанов, автоматски отфрлајќи ја можноста дека бугарски медиуми нема затоа што нема интерес.