Претседателот на Големото национално собрание на Турција – Мустафа Шентоп, кој е во дводневна посета на земјава по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, смета дека недоразбирањата помеѓу Македонија и Бугарија можат да се решат врз основа на добрососедски односи и дипломатија.
„Не постои нерешлив спор за општествата кои со векови на Балканот споделиле слични култури, песни, јадења, радости и таги“, вели тој во интервју за МИА (целото ТУКА).
Од друга страна, Шентоп истакнува дека не е погрешно и да се каже дека Турција, во неколку наврати, се соочува со сличен проблем.
„Особено Грција и Франција, во изминативе години актуелизирајќи ги своите агенди и нивните спорадични проблеми со Турција во агендата на ЕУ, измислуваа неразумни изговори за да ги запрат преговорите за членство на Турција и отворањето на нови поглавја. Кога на ова ќе се додаде и Грчката администрација на јужен Кипар, која ги игнорира кипарските Турци, не пристапува кон траен мир и решение за островот Кипар и која токму поради оваа причина воопшто не требајќи да биде прифатена во Унијата, се направи членка на ЕУ, може да кажеме дека и Турција се соочува со слична блокада“, констатира Шентоп, но додава:
„Земјите кои ги спомнав го злоупотребуваат нивното членство во ЕУ со цел да ги наметнат своите желби и решенија, но она што не го разбираат е следно: Турција е земја која има тежина во регионот и светот, земја која преку потфатите во последниот период ја зголеми областа на влијание и земја која е доволно моќна да ја имплементира својата агенда и политика. Нема да подлегне на ничии уцени или наметнувања. Затоа, земјите кои се обидуваат да ѝ ги наметнат своите желби на Турција треба да престанат со тоа и безусловно да се вратат на преговарачката маса“.
Според Шентоп, злоупотребата на членството во ЕУ во име на решавање на билатералните проблеми не е во согласност со основните европски вредности на Унијата, ниту пак е во духот на добрососедството.