Комисијата за заразни болести препорачува пакет „празнични“ мерки кои ќе траат до 21 јануари

Утрово, на состанокот на Комисијата за заразни болести, како што и беше најавено, се разговараше за ситуацијата со ковид-19 во земјава во контекст на претстојните новогодишни и божиќни празници. Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, на состанокот Комисијата решила да ѝ препорача на Владата воведување на нов пакет рестриктивни мерки. Истите, според предлогот, би требало да важат почнувајќи од овој петок (18 декември) до 21 јануари 2021 година.

Како што соопшти Филипче, Комисијата за заразни болести го препорачува следното:

• Угостителиските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега;

• Останува на сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка;

• Во престојниот период, Комисијата за заразни болести препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година, како и секаков вид на собири во периодот на празниците;

• Комисијата ќе достави и препорака за групирање во станови за престојните празници, односно укажува да се почитуваат препораките за собири во домови.

Понатаму, на хотелите им се забранува работа на рестораните и баровите по 21 часот.

Од Комисијата потсетуваат дека на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.

На денешната седница на Комисијата присуствувале и преставници на Независната угостителска комора.

- Реклама -